Српскиот патријарх Порфириј служеше опело на генерал Ратко Младиќ

Неговата Светост патријархот српски г. Порфириј на 7 септември 2026 година во црквата „Светиот апостол Лука“ во Белград служеше опело на новопреставениот генерал Ратко Младиќ.

Пред одарот на командантот на Војската на Република Српска, со молитвено учество на членовите на семејството на генералот Младиќ, неговите соборци, државни претставници и повеќе десетици илјади души пристигнати во престолнината од Република Српска и од сите српски краишта, на патријархот му сослужуваа: Високопреосвештените митрополити: Сремски Василиј, Банатски Никанор, Бачки Иринеј, Зворничко-тузлански Фотиј, Милешевски Атанасиј, Будимљанско-никшиќки Методиј, Преосвештените епископи: Ваљевски Исихиј, Шабачки Јеротеј, Марчански Сава, Липљански и воен Доситеј и Јенопољски Никон; како и бројно свештенство и монаштво од повеќе епархии на Српската Православна Црква.

Обраќајќи им се на присутните, Неговата Светост истакна:

„Денес стоиме пред одарот на работ Божји и нашиот брат Ратко, генералот, за кого знаеме дека беше христијанин и за кого сведочат свештениците кои го посетуваа, дека во последните години смирено се исповедаше и се причестуваше со Телото и Крвта Христови, верувајќи и надевајќи се во Божјата милост и љубов, и кој на крајот се упокои држејќи го на своите гради крстот во облик на Христовиот крст.

Знаеме дека неговото име ќе остане длабоко вткаено во сеќавањето и молитвите на најголемиот дел од нашиот српски православен народ, кој кон него чувствува и негува длабока благодарност, бидејќи го гледа како војник и командант кој во едно тешко и трагично време стоеше на чело на војската на својот народ, носеше голема одговорност и товар, поднесе жртва и го положи животот за слободата, одбраната и опстанокот на својот род.

Денес стоиме пред животот кој не е можно да се одвои од едно страшно време — од ужасната војна, големите страдања, длабоките рани и трауми, изгубените домови, животи и гробови.

И затоа, молејќи се денес за душата на покојникот, за душата на генералот Ратко, по примерот на Христа Господа, се молиме и за сите оние чии животи згаснаа во таа војна.

Со една душа, еден ум и едно срце се молиме за упокојување на душата и спасение на работ Божји Ратко, се молиме Господ да му го прости секој грев, познат и непознат, и да го насели во светло место, во цветно место, во место на покој, каде што нема болест, ни жалост, ни воздишка, туку каде што е животот бесконечен.

Му се молиме на Господа и на семејството и роднините да им дарува утеха и надеж во вечниот живот, а на сите нас нашиот Господ Исус Христос нека ни дарува покајание, мир, слога, покајание, меѓусебно разбирање и сила едни со други секогаш и во сите времиња да се гледаме со Христови очи.

Нека Господ ѝ прости на душата на нашиот брат, генералот Ратко, и нека му е вечен спомен. Амин.“

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//17735.patrijarh-porfirije-sluzio-opelo-novoprestavljenom-generalu-ratku-mladicu.html