Српскиот Патријарх Порфириј свечено го пречека грузискиот претседател Михаил Кавелашвили

Неговата Светост, Српскиот Патријарх Порфириј, на 18 декември 2025 година во храмот „Свети Сава“ во Белград свечено го пречека Михаил Кавелашвили, претседател на Грузија, кој престојува во официјална посета на Србија.

– Нема порадосен момент од оној кога браќата се среќаваат, а особено кога таа средба се случува на свето место, како што е храмот „Свети Сава“ – со овие зборови Светејшиот Патријарх го поздрави претседателот Кавелашвили.

Нагласувајќи дека храмот „Свети Сава“ е изграден со молитвите и вековниот труд на многу луѓе со добра волја, но и со трудот на српската држава, што покажува дека меѓу државата и народот, кој по својата суштина е Црква, не постои вештачка разлика и дистанца, Патријархот истакна:

– Сето тоа е едно и исто, независно од, во најмала рака, погрешните анализи и толкувања на модерниот и постмодерниот ум. Така е кај нас, а така е и кај вас, затоа што и во вашите и во нашите темели, во заедничките темели, стои верата во Бога, верата во Христа, верата во Божјата љубов кон сите луѓе, верата дека сите сме создадени да бидеме браќа. Таа вера во нашиот народ ја вгради Свети Сава, а во вашиот народ Света Нина, кои во православниот календар се празнуваат на ист ден.

Порачувајќи дека српскиот и грузискиот народ имаат единствено духовно искуство, Патријархот нагласи:

– Ние во суштина сме еден Христов народ и една Црква. Православната вера е она што нè обликувало сите заедно и истиот систем на вредности го почитуваме. Без оглед на географската оддалеченост, ние сме браќа и сестри, а тоа значи дека љубовта е смислата на нашиот живот. Ние знаеме кои сме и сакаме да бидеме тоа што сме, но во целост го почитуваме секој што е поинаков. Ние никого не го гледаме како свој непријател, туку сите ги гледаме како Божји деца, како свои браќа, без оглед на тоа како тие нè гледаат нас. Секогаш ќе бидеме на тој пат.

Патријархот Порфириј потсети и дека во изминатите денови имал средби со претставници на осум православни Цркви и дека разговарал и со епископи од Грузија:

– Ние го сакаме вашиот Патријарх, Му се молиме на Бога за него, за вашиот народ, за мир, слога и секое добро меѓу вас од длабочината на срцето. Знаеме дека и вие истото го правите за нас. Нека ве благослови Господ во ова тешко време, со надеж дека доброто ќе победи.

По обиколката на храмот, разговорот беше продолжен во Светосавскиот дом, каде што уште еднаш беше истакната длабоката духовна и историска блискост меѓу српскиот и грузискиот народ, како и заедничкото православно предание. Соговорниците го нагласија значењето на меѓусебното разбирање, единството и соработката, особено во современиот општествен контекст обележан со бројни светски предизвици, истакнувајќи ја улогата на Црквата и духовните вредности во зачувувањето на идентитетот и мирот меѓу луѓето.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15357.patrijarh-porfirije-svecano-docekao-gruzijskog-predsednika-mihaila-kavelasvilija.html