Српскиот Патријарх Порфириј во посета на Ерусалимската Патријаршија

Со писмото кое Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј го испратил до Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III, Српскиот Патријарх изразил желба да ја посети Светата земја, Светиот град Ерусалим, да оддаде почит на најсветиот Гроб и да оствари средба со Ерусалимскиот патријарх.

Интернет страницата на Ерусалимската Патријаршија го објави возвратното писмо со коешто Патријархот Теофил III му се обрати на Патријархот Српски Порфириј:

„Ваше Блаженство Патријарх Српски,
наш возљубен брате во Христа, Порфириј,

Со голема радост го примивме Вашето писмо, во кое ги изразувате Вашите желби, да се зацврстиме во духот преку постот со благодатта Божја.

Вашето Блаженство изрази и желба да ја посети Светата земја за  поклонение, местото ‘каде што стоеја Неговите нозе‘ (Пс 131, 7), слушајќи ги зборовите на св. Павле: ’Затоа, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош’ (Евр 4, 16).

Со нетрпение очекувајќи ’да се утешиме преку општата вера – вашата и мојата’ (Рим 1, 11-12), задоволство ни е да го пречекаме и угостиме Вашето Блаженство и Вашата придружба.

Затоа, чекајќи да пристигнете во Светата земја, Ви го испраќаме нашето братољубие од Светиот и животворен Гроб на нашиот Господ Исус Христос.“

Од Светиот град Ерусалим

Возљубен брат во Христа,

Теофил III
Ерусалимски патријарх“

Посетата е закажана за 31 март 2025 година и Патријархот Порфириј со својата придружба веќе е заминат во посета на Ерусалимската Патријаршија.

За време на посетата, Неговата Светост ќе им се поклони на најголемите светилишта на христијанскиот свет: црквата на Рождеството Христово во Витлеем, манастирот на Свети Сава Осветен, црквата на Воскресението Христово во Ерусалим (црквата на Гробот Господов), каде што заедно со Неговото Блаженство Патријархот Теофил, ќе служи света Литургија на Преждеосветените Дарови. Предвидено е време и за разговори меѓу поглаварите на двете Цркви.

Во придружба на поглаварот на Српската патријаршија се: Неговото Преосвештенство, викарниот епископ топлички г. Петар; високопреподобниот архимандрит г. Данило, директор на Патријаршиската управна канцеларија; протоѓакон д-р Драган Радиќ, професор на Богословскиот факултет во Белград; и ѓакон Василије Бурсаќ, директор на Поклоничката агенција „Доброчинство“.

Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/letters-messages-of-his-beatitude/his-beatitude-patriarch-porfirije-of-serbia-to-visit-the-jerusalem-patriarchate/ и: https://spc.rs/sr/news/aktuelno/13641.patrijarh-porfirije-u-poseti-jerusalimskoj-patrijarsiji.html