Српскиот Патријарх Порфириј за актуелните настани: Црквата стои цврсто и неотстапно покрај својот народ

Неговата Светост Патријарх српски г. Порфириј служеше на 22 декември 2024 година света Литургија во соборната црква „Свети архангел Михаил“ во Белград.

По читањето на неделното евангелско четиво, патријархот Порфириј порача:

— Иако одиме во пресрет на празникот Рождество Христово, празник на мирот, за жал, веќе подолго време како народ сме зафатени со разни немири, особено во последниве дни кога сме соочени со немир кој е последица на големата трагедија во Нови Сад. Како верен народ, разбирливо е, најпрво се молиме за сите жртви како и за нивните најблиски. Се молиме поединечно и соборно, како што се молиме за целиот свет, за мир во целиот свет, а како луѓе се подразбира дека очекуваме сите виновници за несреќата да одговараат соодветно пред законот. Истовремено, нашата Црква, сите ние со длабока загриженост го следиме сè што се случува во нашиот народ, во нашето општество, ја следиме растечката атмосфера на конфронтација и антагонизам со секојдневни инциденти кои, се плашиме, а не дај Боже, можат толку да се прошират што може навистина да има и голем број жртви.

Растечките поделби објективно го загрозуваат достоинството и слободата на човечката личност како и единството на нашиот народ. Тоа се централните вредности на христијанското сфаќање на темелите на соборноста. Жал ни е што многумина не го разбираат тоа, а некои можеби и не сакаат да ја разберат природата на Црквата, нејзината мисија, нејзиното послание кое во овие предбожиќни празници ни се открива исклучиво и само како миротворство. Зборот на Црквата е секогаш збор на вистински, збор на вистински мир. Ако не е така тогаш тоа не е збор на Црквата, кој и да го изговара и да се нарекува себеси Црква. Нашиот народ со векови минувајќи низ разни тешкотии, во своето опстојување и историско возрастување добро знае дека Црквата секогаш сигурно и непоколебливо стои покрај целиот свој народ, покрај целиот народ. Црквата е соборна, што значи дека води грижа за целината на народот, за сите, затоа никогаш Црквата не се поистоветува, не може да се поистовети само со еден дел. Таа не прави разлики, нема селекција и ако не е така, тогаш тоа не е Црква. Црквата е прибежиште и засолниште за сите – таа никого не исклучува, ги разбира потребите на сите. Како што разбира радост и успех и болка, Црквата сите ги теши, сите ги лекува, ги лекува раните на душите, за сите е отворена. Црквата зближува и ги премостува разликите, ги отапува остриците, сведочи дека сите сме едни на други потребни, дека сме повикани да се чуваме едни со други, да се грижиме едни за други. Со еден збор, Црквата е Црква кога го исполнува Христовиот збор: Да бидат сите едно (Јн 17,21).

Најдобриот можен пример, парадигма, како што велат и едноставно архетип во нашиот народ е сликата, искуството на свети Сава, искуство кое е и наше искуство, кога ги помирува своите скарани браќа. Свети Сава во таа прилика не е арбитар, значи ни Црквата не е повикана да биде арбитар, таа треба да биде помирител. Свети Сава, пристапувајќи кон двајцата свои браќа, не бил судија, туку помирител. Тој се молел за браќата и направил сè што било до него браќата да се помират но браќата не се помириле магиски, дејството на свети Сава не било магиско – тој не направил некаков хокус-покус и во истиот момент скараните браќа се помириле, не, туку било неопходно, било потребно и секој брат да истапи од себе, да тргне во пресрет на оној другиот во мера во која тој може, во мера во која неговата позиција бара. На крајот, тоа е мерата која е потребна зашто сè друго прави Бог, но е потребна вера, верата на свети Сава, потребна е верата на Црквата за да може тогаш верата на свети Сава и молитвата на свети Сава да има плод.

Затоа, во вознемирената и немирна атмосфера во која се наоѓа нашиот народ, можеме да речеме и државата, Црквата се моли за сите учесници во општествените случувања, да покажат вистинска, христијанска, миротворна, православна одговорност, да покажат искрено почитување на сите мислења, особено на она поинаквото, никогаш не губејќи го од вид општото добро, заедничкото добро над кое не би смеело да биде ниедно потесно, политичко, општествено или себично, групно, интересно. Се молиме, имајќи ја предвид пораката на денешното Евангелие во овие дни на божиќниот пост, за тоа во умовите и срцата на луѓето да се врати разборитоста, смиреноста и љубовта, а спротивностите и разликите кои постојат во секое општество, да се случуваат преку отворен, искрен, братољубив и одговорен, демократски и граѓански дијалог и разговор. Нека даде Бог секогаш да се сеќаваме не само на своето раѓање и да се грижиме за својот живот и благословеното сеќавање на смртта, за да можеме на прав начин слушајќи да ја разбереме пораката и зборот на Евангелието, за тогаш Господ Исус Христос да биде наш Бог кого го славиме овде и сега и во вековите на вековите. Амин.

Извор: https://spc.rs/patrijarh-porfirije-o-aktuelnim-dogadjajima-crkva-pouzdano-i-neodstupno-stoji-uz-svoj-narod/