Српскиот Патријарх упати повик за помош до светските лидери

Неговата Светост, Српскиот патријарх г. Порфириј, на 13 март 2026 година упати писмо до: папата Лав XIV, претседателот на Руската Федерација г. Владимир Путин, претседателот на Соединетите Американски Држави г. Доналд Трамп, претседателот на Франција г. Емануел Макрон; премиерите на Италија г-ѓа Џорџа Мелони, на Велика Британија г. Кир Стармер и на Сојузна Република Германија г. Фридрих Мерц; како и до генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации г. Антонио Гутереш и генералниот директор на УНЕСКО г. Халед ел Енани, повикувајќи ги да го употребат својот авторитет за властите во Приштина да ја прекинат примената на крајно дискриминаторскиот закон за странци – известува интернет страната на Српската Православна Црква.

Патријархот Порфириј предупредува дека со примената на овој закон не би била доведена во прашање само работата на Универзитетот во Косовска Митровица, основните и средните училишта кои српските ученици ги посетуваат според програмите на својата држава, како и работата на целиот здравствен систем во кој медицински се згрижуваат Србите од Косово и Метохија, туку и опстанокот на српскиот народ и на православните светињи.

Со примената на овој закон Србите би ја изгубиле можноста да се школуваат и да се лекуваат, а вработените во образованието и здравството би ја изгубиле својата работа, што би довело до уште помасовно, ако не и конечно, заминување на православните Срби од оваа вековна христијанска земја, на која, сè до денес, постојат околу 1300 православни цркви, манастири и други, претходно уништувани, христијански светињи. Патријархот ги потсети светските државници дека никаде на друго место во Европа, и покрај претходно споменатите разурнувања, не постои на едно место толкава концентрација на христијански светињи, од кои четири се на списокот на светско наследство на УНЕСКО, во опасност.

Патријархот Порфириј истакнува дека Српската Православна Црква истрајува во барањето мирно решение и дека од српските власти очекува да направат сè што е можно за да се најде компромисно решение. Човечките животи се најголемата светиња и должни сме да ги чуваме, се зборовите на духовниот водач на православните Срби.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//16021.patrijarh-porfirije-putinu,-trampu,-papi-lavu-i-svetskim-drzavnicima-ne-dozvolite-da-srpski-pravoslavni-narod-bude-izgnan-sa-kosova-i-metohije.html