Старец Гаврил: САД го натерале патријархот Вартоломеј да се вмеша во Украина

Познатиот православен богослов, архимандрит Гаврил (Бунге), во неодамнешното интервју за германската редакција на „Сојузот на православни журналисти“ изјави дека поглаварот на Цариградската Патријаршија се вмешал во црковниот живот во Украина под директен притисок од властите на Соединетите Американски Држави.

86-годишниот старец, кој живее во швајцарскиот манастир Ровердо, соопшти детали што му биле познати. Според неговите зборови, Цариградскиот патријарх Вартоломеј во личен разговор со еден грчки амбасадор признал кои биле вистинските мотиви за неговите одлуки.

„Од сигурен извор знам дека патријархот Вартоломеј му рекол на еден грчки амбасадор: ако Американците не извршиле врз него таков силен притисок, тој никогаш немало да го направи тоа – немаше да ја раздели Црквата“, изјави архимандритот Гаврил.

Тој додаде дека на сличен огромен притисок попуштиле и некои други поглавари на помесните Цркви. „И Атинскиот архиепископ Јероним исто така беше изложен на исклучително силен притисок и попушти. Но, зошто овие луѓе, нашите поглавари, едноставно не ги ставија своите панагии на маса и не рекоа: ’Не, без мене. Не сакам да го извалкам своето добро име’? Лично, јас не можам да го разберам тоа.“

Старецот особено ја истакна тежината на канонскиот престап што го прават виновниците за расколот. „Епископ или патријарх кој предизвикал раскол во Црквата, без оглед на причините, не може да го измие овој грев дури ни со сопствената крв – нагласи схиархимандритот Гаврил. – Така учат светите отци.“

Швајцарскиот патролог изрази жалење поради отсуството на покајание кај одговорните лица и констатираше дека таквите постапки неизбежно ќе доживеат неуспех пред судот на историјата:

„Фала Му на Бога што ние не сме судии на нашите браќа. Само Христос им суди на сите. Не знам според кои критериуми би можел да донесам праведен суд. Фала Му на Бога што тоа не е моја задача.

Но, како богослов и историчар, сепак морам да се прашам: Зарем овие луѓе навистина не разбираат дека пред судот на историјата, односно пред судот на човештвото, не можат да поминат?

Не сакам моето име да биде поврзано со нешто такво. Зад нас се две илјади години црковна историја. И многу добро знаеме како на крајот црковната историја судела за овој или оној патријарх, за овој или оној папа. Секогаш остануваат доволно документи за подоцна да може да се даде историска оценка.“

Отец Гаврил Бунге е родум Германец од Келн. Студирал богословие и философија во Бон, каде што и докторирал. На 22-годишна возраст се замонашил во римокатолички манастир во Белгија. Од 1980 година живее во Швајцарија како пустиник. Во 2010 година преминал во Православие и бил примен во Руската Православна Црква. Има напишано бројни теолошки публикации, во главно за древните пустински отци. Пишува на германски, а неговите дела се преведени, меѓу другото, на англиски, француски, романски, италијански, шпански, полски, унгарски и руски јазик. Во 2016 добил почесен докторат од Богословскиот факултет во Берн.

Извор: https://orthodoxnews.de/de/verteidigung-glaubens/88912-die-ehre-gebuehrt-gott-allein-schima-archimandrit-gabriel-bunge