Две старообредни парохии во САД се приклучија кон Руската православна задгранична црква

Неговото Преосвештенство Епископот Јован на Каракас и Јужна Америка, кој ги опслужува старообредните парохии на Руската православна задгранична црква (РПЗЦ), ја објави веста за приклучувањето на парохиите во Алјаска и Орегон за време на посетата на старообредната Црква на Рождеството Христово, во Ери, Пенсилванија, на 26 јануари. 

Со децении наназад, парохијата во Ери беше единствената канонска старообредна црква во РПЗЦ. Претходно следбеници на безсвештеничката традиција на Старообредниците, парохискиот водач Пимен Симон ја доведе заедницата во Црквата во 1983 година и беше ракоположен за нејзин прв свештеник. 

Во 2023 година, уште една старообредна парохија, Православната Црква на Христовото Вознесение во Монет, Мисури, беше примена во РПЗЦ. 

Сега, со новите парохии во Алјаска и Орегон, РПЗЦ има вкупно четири канонски старообредни парохии. 

„Имаме луѓе од Алјаска и Орегон кои ни се приклучуваат“, изјави епископ Јован. „Вчера ги миропомазав отец Николај и отец Никита. Отец Николај служи во Алјаска заедно со својата попадија, а отец Никита е во Орегон. Тие, заедно со своите попадии, беа исто така миропомазани.“ 

И отец Николај и отец Никита претходно биле свештеници во старообредната црква. Сепак, тие беа примени како мирјани и сега се ракополагаат во канонската црква. Во неделата, двајцата беа произведени во чин на чтец и ипоѓакон, а отец Николај дополнително беше ракоположен во ѓаконски чин. Потоа, во вторникот тој беше ракоположен за свештеник, а отец Никита за ѓакон. 

„Ги пречекуваме нашите браќа во заедницата. Бевме разделени толку долго. Како што оваа заедница во Ери пред 40 години се приклучи на Црквата и прими свештеници, така сега гледаме плодови и на други места, и се надеваме дека ова е почеток на нешто големо“, изјави епископ Јован. 

Видливо трогнат, отец Николај исто така рече: 

„Ви благодарам што ме прифативте и ме ракоположивте. Ова е голема чест. Разбирам дека сега сум во полнотата на Црквата. Јас сум дел од православниот свет… Не можам да ја изразам мојата благодарност. Вие несебично ни покажувате љубов, и тоа е голем пример за нас – да видиме како ги прифаќате луѓето, како ги примате со љубов. Ви благодарам.“

Извор: https://orthochristian.com/166939.html