На 22 октомври 2024 година, Информативната служба на Српската православна црква, на својата интернет страница објави дообјаснување на ставот на Српската православна црква во однос на темата на донирање и трансплантација на органи. Оваа реакција следува откако во одредени српски медиуми се појави известување дека Српската православна црква е неподготвена да ја поддржи кампањата на Министерството за здравство „Продоложи живот“, која се однесува на донирањето на органи.
Во своето известување, Информативната служба потсетува дека Светејшиот Српски Патријарх Порфириј секоја година, најмалку два пати годишно, дарува крв, а на негова иницијатива сите парохиски домови во Белград, кога и да е потребно, се на располагање на Заводот за трансфузија, за што Црквата редовно ги известува верниците, но и сите други.
Понатаму, во текстот се потсетува на фактот дека и одделни српски архијереи се сложиле за постхумно донирање на своите органи и тоа не го криеле од јавноста, а исто така постапиле и многу свештеници кои за тоа не зборувале јавно.
Клучно е дека Светиот архијерејски собор на Српската православна црква, уште во 2004 година донел став со кој таа се согласува со трансплантацијата на органи доколку се исполнети следните услови: 1) дека донаторот доброволно ги завештал своите органи и 2) дека донаторовото семејство постхумно дало своја согласност.
„Сето ова важи со тоа што смртта на донаторот е утврдена од страна на стручна лекарска комисија во согласност со медицинската етика. Светиот Архијерејски Собор ја афирмира и трансплантацијата на органи од живи лица доколку со тоа не се загрозува животот на дарителот (’донорот’)“ – се вели во соопштението на Информативната служба.
Како заклучок, во текстот се нагласува: „Во време на растечки социјални разлики, а притоа имајќи ги предвид ужаснувачките искуства од минатите војни, од кои една од најстрашните е таканаречената Жолта куќа во соседна Албанија, нашата Црква секогаш и безусловно ќе нагласува дека одлуката за трансплантација на органи, без оглед на тоа дали ’донорот’ е мртов или жив, е прашање со кое може да се занимава само беспрекорно морален медицински персонал, а не оној морално индиферентен или, уште полошо, корумпиран.“
Извор: https://spc.rs/rec-o-transplantaciji-organa-i-insinuacijama/