Во недела, на 17 ноември 2024 година, Неговата Светост Српскиот патријарх г. г. Порфириј служеше света архиерејска литургија во руската црква Света Троица на Ташмајдан, Подворје на Московската патријаршија во Белград.
Неговата Светост го освети новиот живопис на рускиот храм кој веќе сто години ја краси српската престолнина. На Светејшиот му сослужуваа митрополитот волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија и преосвештениот епископ ремезијански г. Стефан, викар на Српскиот патријарх и настојател на Подворјето на Српската православна црква во Москва.
На светата литургија присуствуваа др. Ненад Поповиќ, министер без ресор задолжен за меѓународна економска соработка и положбата на Црквата во земјата и во странство; др. Владимир Рогановиќ, директор на Управата за соработка со црквите и верските заедници при Министерството за правда; академик Николај Мухин, народен уметник на Руската Федерација.
Говорејќи на крајот од светата Литургија, Неговата Светост Патријархот г. Порфириј порача:
– Сакам да ѝ честитам на нашата руска браќа за тоа што веќе сто години на ова место постои овој храм, каде Русите кои дошле во Србија од самиот почеток се собираат и се молат на Бога до денешен ден. Црковните граници или уредувањето на Црквата се воспоставени за Црквата подобро да се управува од пастирски и мисионерски причини. Имаме различни Цркви организирани така што секоја има свој епископ, потоа и патријарх, но всушност тоа е една, соборна и апостолска Црква – Христовата Црква, каде целосно важат зборовите на Христос дека „нема Грк ниту варварин, слободен ниту роб, машко ниту женско“, што значи дека постојат индивидуални и лични белези. Секој човек е уникатна икона Божја и има свој посебен белег, односно има свои уникатни дарби кои го разликуваат од другите.
Така и секое семејство има нешто посебно, како и секоја поширока заедница. Секој народ има свои особености, свои разлики, свои посебни дарови, еден збор – дар кој е даден за преку него да се покаже љубовта кон различниот и да стане поттик за изградба на единство. Црквата како тело Христово е токму тој еден, единствен и непропадлив организам, Царството Божјо кое е овде меѓу нас, но и во полнота во вечноста, каде Господ е Цар и темел.
Радосен сум што овој храм веќе цел век постои овде, што во него се служи Литургија, и се молам на Бога да го зачува до крајот на времето. Нека биде благословено, живејте и честитам! Наш братски поздрав и љубов до Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија, нашата љубов и молитва, и молба да се моли за нас! Нека Господ ја чува Руската Црква и рускиот народ на многу години!“
Руската црква Света Троица на Ташмајдан е еден од најзначајните духовни и културни симболи на руската емиграција која, по Октомвриската револуција и граѓанската војна во Русија, донесе богата култура и православна традиција во Србија. За да ги задоволи своите духовни потреби, руската заедница составена од значајни архиереи, интелектуалци, уметници и офицери, ја иницира изградбата на храмот. Црквата е изградена помеѓу 1924 и 1925 година според проектот на архитектот В. Т. Теофанов.
Храмот е посветен на Света Троица, а неговата архитектура е инспирирана од традиционалниот руски православен стил. Руската црква во Белград не е само место за богослужби, туку и културен центар за руската емиграција, место на собирање, духовна утеха и зачувување на рускиот идентитет. Во храмот се одржувале различни културни и образовни активности, концерти, предавања и изложби.
Црквата претставува значаен историски споменик. Во неа се наоѓа гробот на генерал П. Н. Врангел, командант на руската Бела армија. Верниците од Белград радо ја посетуваат руската црква и им се поклонуваат на нејзините светињи, како што се чудотворните икони на Света Ксенија Петроградска и Света Матрона Московска. Во храмот се чува дел од шамијата на Светиот царевиќ Алексеј Романов.
Храмот го симболизира трајното братство меѓу српскиот и рускиот народ и сведочи за заедничката историја и православната вера. Руската црква доби нов сјај благодарение на трудот на познатиот руски сликар и иконописец Николај Мухин, чија работа го краси и храмот Свети Сава на Врачар. Академик Мухин, заедно со група руски уметници, за само седум месеци ослика повеќе од 520 квадратни метри фрески под надзор на протојерејот Виталиј Тарасјев.
Ѕидовите на храмот се украсени со сцени од Евангелието, а посебно место заземаат ликовите на руските и српските новомаченици.
Извор: https://spc.rs/sto-godina-ruske-crkve-svete-trojice-u-beogradu/