Четиринаесет студенти од Институтот за теологија „Св. Јован Дамаскин“ при Универзитетот во Баламанд во Либан учествуваа на Летен институт во Русија, организиран од Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија.
Програмата, која се одржа од 25 јули до 6 август со благослов на Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован и Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, имаше цел студентите од Антиохиската Патријаршија да се запознаат со животот на Руската Православна Црква и со нејзините високообразовни установи.
Делегацијата ја предводеше архимандрит Хризостом (Ел Мечерки), доцент на Универзитетот во Баламанд. За време на престојот студентите посетија повеќе значајни православни храмови, манастири и црковни образовни установи во Москва, Нижни Новгород и Санкт Петербург.
Меѓу посетените места беа: манастирот на милосрдието „Св. Марта и Марија“, Свето-Троицката Сергеевска лавра, Покровскиот манастир во Москва, храмот „Христос Спасител“, Сретенскиот манастир и духовната академија, манастирот „Св. Серафим-Дивеево“, Нижегородскиот кремљ, Санктпетербуршката духовна академија, Исакиевската соборна црква, храмот „Спас на крв“, параклисот на света Ксенија Петербуршка и Свето-Троицката Александро-Невска лавра.
Студентите присуствуваа и на богослуженија и сослужуваа со архијереи на Руската и Антиохиската православна црква. На 28 јули, на Денот на Крштението на Русија, архимандритот Хризостом и ракоположените членови на делегацијата сослужуваа со Патријархот Кирил во Успенската соборна црква во Кремљ. Патријархот потоа се сретна со студентите и им врачи спомен-подароци.
Во рамките на програмата биле одржани и предавања на англиски и грчки јазик на теми поврзани со православната теологија, црковната историја, црковното право и меѓухристијанскиот дијалог.
Посетата заврши на 6 август, кога делегацијата од Универзитетот во Баламанд отпатува назад во Либан.
