Судот му изрече осудителна пресуда на Митрополитот Теодосиј Черкаски

На 6 февруари 2026 година Приднепровскиот окружен суд во градот Черкаси, во Украина, донесе осудителна пресуда против митрополитот Черкаски и Каневски г. Теодосиј од Украинската Православна Црква според член 161 од Кривичниот законик на Украина, односно го прогласи за виновен за поттикнување верска омраза. За тоа самиот митрополит соопшти во проповед во Красногорскиот манастир, без да наведе други детали за пресудата. Ова е првиот од четирите судски процеси против него што завршува со осудителна пресуда.

Кривичното гонење беше покренато од Безбеднсната служба на Украина, заради проповед на митрополитот Теодосиј одржана во февруари 2024 година. Проповедта била кажана во привремено засолниште на монахињите од женскиот манастир „Рождество Богородично“, кои во ноември 2023 година биле насилно протерани од својата обител од група вооружени лица. Имено, во ноември 2023 година овој манастир бил заземен; монахињите биле избркани од ќелиите, свештениците претепани, а верниците осакатени. Сестрите нашле привремено прибежиште во скитот на Красногорската обител.

Обраќајќи им се на верниците на 7 февруари годинава, митрополитот Теодосиј го нарече случајот „нарачан“, но сепак Му заблагодари на Бога за пресудата. „Осудителна пресуда во нашите услови – тоа во извесна смисла е потврда дека си чесен човек“ – изјави архиерејот.

Митрополитот нагласи дека одбраната ќе ја обжали одлуката во сите судски инстанци, од апелационите судови до Врховниот суд на Украина, а доколку биде потребно и во Европскиот суд за човекови права.

Извор: https://spzh.eu/ru/news/91093-sud-vynes-mitropolitu-feodosiju-obvinitelnyj-prihovor