Со началствување на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Акра г. Даниил од Александриската Патријаршија, во сабота попладне, на 27 декември 2025 година, беше отслужена Велика вечерна богослужба по повод осветувањето на храмот „Св. Николај“ во градот Гулу, во Северна Уганда.
Во богослужбата – како при полагањето на светите мошти за осветувањето на Светата Трпеза, така и на Воскресната вечерна – заедно со Митрополитот Даниил сослужуваа: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Фтиотида г. Симеон од Црквата на Грција Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Созуса и Патријаршиски егзарх на Мбарара и Источна Уганда г. Инокентиј, Неговото Преосвештенство Епископот на Џинџа и Источна Уганда г. Силвестер, како и надлежниот архијереј, Неговото Преосвештенство Епископот на Гулу и Северна Уганда г. Нектариј – од Александриската Патријаршија.
Светлата и величествена служба на Митрополитот на Аккра г. Даниил, беше отслужена на три јазици. Архијереите беа поздравени од надлежниот пастир, Епископот Нектариј.
Слово изрече Митрополитот Инокентиј, кој се осврна „на богословието на светата тајна Крштение – како на луѓето, така и на градбите, кои стануваат свети храмови за да ги прегрнат сите луѓе, зашто преку Светото Крштение сите луѓе, без оглед на потекло или произлез, сме браќа во Христа, во прегратката на Црквата Христова“. Тој исто така зборуваше и за присуството на Митрополитот Симеон, за неговата поврзаност со Александриската Патријаршија и со бројни архијереи на Александрискиот Престол, заблагодарувајќи му за поддршката во пожртвуваното дело на мисијата.
Епископот Силвестер на крајот ја изврши службата на осветување на Светиот Дискос и Светата Чаша, како и предвиденото помазување со Светото Миро.
Во недела наутро, на 28 декември 2025 година, беше отслужена Празнична утрена богослужба, чинот на осветувањето и заедничка Божествена Литургија, во која дополнително учествуваа и Нивните Високопреосвештенства Митрополитот на Кампала г. Јероним и Митрополитот на Елдорет и Северна Кенија г. Неофит, кои пристигнаа доцна во сабота вечер во граничниот град Гулу.
На светите богослужби началствуваше Митрополитот Симеон, кој покрај тоа изврши и свештеничка хиротонија на ѓакон од Епархијата Гулу.


















