Во присуство на Претседателката на Република Грција, г-ѓа Катерина Сакеларопулу, во понеделникот, на 4 ноември 2024 година, свечено беше отворен Патријаршискиот духовно-културен центар со мултиетнички карактер на метохот на Александриската Патријаршијата на Александрија во Кипсели, Атина – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.
Отворањето го изврши Блаженејшиот Папа и Патријарх на Александрија и на цела Африка, г.г. Теодор II, во присуство на Блаженејшиот Архиепископ на Атина и цела Грција, г.г. Јероним.
На отворањето присуствуваа свештенослужители на Цариградската и Александриската Патријаршија и на Црквата на Грција, военоначалници, министри, амбасадори и голем број луѓе.
Треба да се напомене дека обновата на духовниот центар е направена со помошта на Фондацијата „Ставрос Нијархос” и Фондацијата „Атанасиј и Марина Мартинос”.
Во своето обраќање, претставникот на Патријаршијата на Александрија во Атина, Митрополит Гвинејски г. Георгиј, се осврна на периодот пред и по овој културен центар, прикажувајќи слики од минатото. Исто така, тој нагласи дека сето ова е направено со неуморното водство на Александрискиот Патријарх Теодор II и им се заблагодари на сите кои придонеле за обновата на овој духовен центар, а пред сѐ на брачниот пар Атанасиос и Марина Мартинос.
„Ова е подарокот на Патријархот за нас за неговата дваесетгодишна патријаршиска служба” – рече Митрополитот Георгиј.
Во своето поздравно обраќање, Александрискиот Патријарх Теодор, меѓу другото, истакна: „Радоста што ја чувствувам за завршувањето на обновата на зградите на нашиот метох ме наведува да ги отворам листовите на срцето за да ја видите надежта што ја криев дека ќе се најде решение, да се врати оваа зграда во нејзината првобитна слава”.
„Дозволете ми да истакнам дека не сте само наши спонзори, туку наши добротвори. Вие сте оние кои многустрано, на многу начини и многукратно ја сфативте нашата борба и ја поддржавтe нашата борба за да го постигнеме саканиот резултат. Да се гордееме не со ѕидовите, туку со заложбите, не со зградите, туку со чувствителноста, не со градбата, туку со слава” – додаде Патријархот.
Завршувајќи, Поглаварот на Александриската Црква им се заблагодари на Архиепископот Јероним и на Грчката Црква за топлата, искрена и еднодушна поддршка во многуслојното мисионерско дело на Патријаршијата.