Апелациониот суд во Одеса го осуди на затворска казна клирикот на канонската Украинска Православна Црква, протојерејот Иван Павличенко, заменувајќи ја претходната пресуда на судот од прв степен, кој на свештеникот му изрече условна казна. За тоа известува Центарот за јавни истраги на Украина.
Според податоците од истрагата, протојерејот Иван Павличенко, свештеник во храмот посветен на света Марија Магдалена, бил осуден по обвиненија за „оправдување на вооружената агресија на Руската Федерација“ и „разгорување на религиска и национална омраза“. Материјалите на случајот се засноваат, меѓу другото, на снимки од разговори направени од специјалните служби во автомобилот на свештенослужителот.
Истрагата тврди дека во приватни разговори свештеникот ја критикувал украинската власт, дискутирал за текот на војната, цитирал руски политичари и изразувал сомнежи во официјалната позиција на Киев. Овие изјави, според „заклучоците на експертите“, биле оценети како „пропаганда на кремљовски наративи“.
Претходно, окружниот суд го прогласи протоерејот за виновен, но му изрече условна казна. По жалбата на обвинителството, судот од втор степен ја укина пресудата и го заостри казнувањето: пет години лишување од слобода со конфискација на имот, како и забрана да врши должности во државните органи во тек од три години.
Како што пишува Сојузот на православни журналисти, на 12 август 2025 година Украинската Служба за безбедност соопшти за приведување на двајца клирици на Одеската епархија на Украинската Православна Црква, на кои им беа поднесени слични обвиненија. Службата тврдеше дека еден од нив – протојерејот Иван Павличенко – во разговори со парохјаните „ги хероизирал претставниците на РФ“ и ги критикувал верниците од други конфесии.
