Свештеник на Украинската Православна Црква од Никопол е ставен во воен притвор и обвинет за дезертерство откако ја напуштил својата воена должност, наведувајќи дека поради свештеничката совест не може да носи оружје.
Протојереј Виталиј Агатонов, свештенослужител на Преображенскиот соборен храм во Никопол во Криворошката епархија, бил мобилизиран во ноември минатата година и распореден да служи како стрелец-снајперист во Вооружените сили на Украина. Бидејќи не може да земе оружје, согласно на својата свештеничка совест, тој ја напуштил својата позиција, известува протојереј Никита Чекман, кој ги застапува Киево-Печерската Лавра и Украинската Православна Црква во бројни судски постапки, додека Црквата се соочува со тековни прогони од страна на државата.
По неговото приведување, судот за време на рочиште за определување мерка на претпазливост одредил кауција од 266.240 украински гривни (над 5.000 евра). Адвокатската канцеларија што го застапува отец Виталиј нагласила дека одобрувањето кауција под вакво обвинение во услови на воена состојба е исклучително редок случај.
Отец Чекман истакнал дека на свештенството на Украинската Црква во моментов практично му е оневозможено да служи како воено свештенство – капелани или да добие законски предвидено одложување од мобилизација, со што свештениците се доведени во ситуација да можат да бидат регрутирани како борци, и покрај канонските забрани свештениците да земаат оружје.
Беше покрената кампања за собирање средства за покривање на кауцијата за ослободување на отец Виталиј. Целта на кампањата во меѓувреме е постигната.
