Свештенството на Ловчанската епархија на Бугарската Православна Црква на 4 март 2026 година објави декларација до верниот народ и до општеството, во која предупредува на ширењето на лажни учења, псевдохристијански движења и секти.
Во документот, објавен на интернет страницата на Бугарската Патријаршија, се истакнува дека ваквите групи често користат заплашувања, погрешни толкувања на Светото Писмо и идеи за „избраност“, создавајќи затворени заедници во кои луѓето ја губат духовната слобода и здравиот духовен ориентир.
Како повод за загриженост е наведена и трагедијата во Петрохан, која се случи во февруари годинава во планинската област во западна Бугарија. Тогаш во планинска куќа и во близина на преминот Петрохан беа пронајдени шест починати лица, меѓу кои и малолетник. Дел од телата беа откриени по пожар во куќата, а други во кампер во планината. Според истражните органи, случајот опфаќа комбинација од насилни смртни случаи и самоубиства, а во јавноста се појавија информации дека загинатите биле дел од изолирана духовна група.
„Трагедијата е болно потсетување до каде може да доведе духовната заблуда кога човек ќе се оддалечи од трезвеното црковно раководство и ќе им се довери на самопрогласени учители“, се наведува во декларацијата.
Свештенството посебно ја нагласува потребата од православна веронаука за децата, истакнувајќи дека познавањето на верата им помага на младите да разликуваат вистина од заблуда и ги штити од манипулации и фанатизам.
Во декларацијата се упатува повик до родителите, учителите и државните институции да го поддржат духовното образование на младите, а на крајот се изразува молитва Бог да го зачува народот од духовна заблуда и да ги зацврсти семејствата во православната вера.
Во продолжение ја пренесуваме декларацијата во целост.
Декларација на свештенството на Ловчанската епархија до верниот народ и општеството
Ние, свештенослужителите од Ловчанската епархија на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија, се обраќаме со пастирска загриженост до сите православни христијани и до целото општество.
Во последните години стануваме сведоци на засилено ширење на различни лажни учења, псевдохристијански движења и секти, кои привидно зборуваат за Бога, но го оддалечуваат човекот од вистината на Црквата. Тие често користат страв, крајни и погрешни толкувања на Светото Писмо, внушувања за „избраност“ и спротивставување со останатите луѓе. Така се создаваат затворени групи во кои личноста ја губи својата слобода и здравиот духовен ориентир.
Господ Исус Христос нè предупредува: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат при вас во овча кожа, а одвнатре се грабливи волци: по нивните плодови ќе ги познаете“ (Мт. 7, 15–16). А светиот апостол Павле пишува: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го трпат здравото учење, туку, водени од своите похоти, ќе си насоберат учители за да им го галат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон басни“ (2Тим. 4, 3). Овие зборови звучат особено актуелно денес.
Трагедијата во Петрохан е болно потсетување до каде може да доведе духовната заблуда кога човек ќе се оддалечи од трезвеното црковно раководство, ќе ја отфрли вистината и ќе им се довери на самопрогласени „учители“. Кога верата ќе биде заменета со фанатизам, а послушноста кон Црквата – со потчинување на харизматични личности, последиците се разорни и за поединецот и за неговото семејство.
Православната Црква не нуди сензации, не потхранува стравови и не го изолира човекот од светот. Таа нуди пат на покајание, разумна и свесна вера, живот во заедништво, живот на љубов и слобода во Христа. Светиот апостол Павле вели: „Каде што е Духот Господов, таму има слобода“ (2Кор. 3, 17). Токму таа слобода недостасува во сектантските структури.
На позадината на овие загрижувачки тенденции, повторно и повторно се истакнува огромната потреба од православна веронаука во животот на децата.
Православната веронаука:
* изградува цврста морална основа;
* учи на почит кон родителите и одговорност кон општеството;
* воспитува милосрдие, сочувство и самоконтрола;
* развива способност за разликување меѓу вистина и заблуда, добро и зло;
* штити од манипулации, фанатизам и духовна зависност;
* учи на љубов кон Бога и кон луѓето;
со два збора: ги воспитува децата во вечните светињи на нашата Црква и народ, чиј извор е светата Православна вера.
Дете кое ја познава верата на Црквата не станува лесна жртва на агресивни идеологии и псевдорелигиозни движења. Тоа расте со чувство на припадност, духовна сигурност и внатрешен мир. Свети Јован Златоуст потсетува дека воспитувањето во верата од најрана возраст е најсигурната заштита против идни заблуди: „Воспитај го детето свое во учењето и поуката Господова“, вели големиот учител на Црквата, „не настојувај да го направиш богато, туку добродетелно“.
Се обраќаме до родителите – не оставајте го духовното воспитание на вашите деца на случајноста.
Се обраќаме до учителите – поддржете ги напорите за воведување и развој на православната веронаука.
Се обраќаме до државните институции – соработката за систематско и достапно религиско образование во православните христијански вредности и вера не е прашање на формалност, туку на општествена одговорност.
Црквата не бара спротивставување, туку просветување. Не наметнување, туку сведоштво. Вистинската вера не разделува, туку исцелува и изградува.
Го молиме Бога да го заштити нашиот народ од духовна заблуда и да ги зацврсти семејствата во православната вера, за нашите деца да растат во вистина, слобода и љубов.
† Свештенството на Ловчанската епархија
Бугарска православна црква – Бугарска Патријаршија
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/deklaratsiya-na-sveshtenstvoto-na-lovchanska-eparhia-kam-vya
