Свештенството од Софиската епархија бара црковен суд за архимандритот Никанор

Свештенството на Софиската епархија на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија на 30 јули 2026 година објави декларација во поддршка на Неговата Светост Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил, во која се оградува од јавните настапи и изјавите на скандалозниот архимандрит Никанор, игумен на Црногорскиот манастир „Свети свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан“.

Во декларацијата, потпишана од 75 свештенослужители, се наведува дека свештениците се вознемирени од, како што велат, „зачестените јавни напади, недобронамерни тврдења и клевети“ упатени кон Бугарската Црква и кон нејзиниот поглавар.

Свештениците ја критикуваат реториката на архимандритот Никанор, оценувајќи дека таа потсетува на времето на црковниот раскол во Бугарија и дека користи „уличарски и хулигански жаргон“. Како особено спорна ја посочуваат неговата изјава од 28 јули годинава во која Бугарската Црква ја нарекол „привид на црква, лакеј на рускиот империјализам“. „Ние, како клирици на истата таа Црква, не се чувствуваме како ничии лакеи, ниту пак Му служиме на Бога во ‘привид на црква’, туку сме служители во Телото Христово, чиј дел е и Бугарската Православна Црква – Бугарска патријаршија“ – одговараат свештенослужителите.

„Вознемирени сме од леснотијата со која архимандритот користи циничен јазик кон луѓето што ги сомничи за политичко предавство, а истовремено бара безгранична љубов и милост кон самиот себе“ – се вели во декларацијата, и нагласуваат дека архимандритот Никанор „настапува како гласноговорник во Бугарија на туѓи интереси и влијанија“.

Во објавата понатаму се вели:

„Долгогодишното ’подвижништво на Фејсбук’ на архимандритот Никанор ја изопачува самата идеја и претстава за Црквата – не како простор на единство, послушание, покајание и заедничарење во Христа, туку како арена на лични конфликти, политички спротивставувања и непрестајно јавно самопромовирање.“

„Сметаме дека однесувањето на архимандритот Никанор веќе со години силно ги соблазнува мирјаните – нашите духовни чеда – и внесува немир и поделби во душите за кои ние се грижиме.“

„Поради тоа ги повикуваме надлежните црковни органи со потребната строгост, непристрасност и одговорност да ги разгледаат сите постапки и јавни изјави на архимандритот Никанор и, доколку наведените прекршувања бидат утврдени по пропишаниот црковно-судски ред, да му изречат казна што ќе одговара на нивната тежина.“

Свештенослужителите од Софиската епархија бараат декларацијата „да биде приложена кон започнатата црковно-дисциплинска судска постапка против споменатиот клирик“ и потсетуваат дека „најстрогата црковна казна се покажува како последниот повик на Мајката Црква кон покајание, освестување и враќање кон вистината“.

Како објаснување за нивното барање за црковно-судска постапка, тие велат:

„Со длабока жал мораме да кажеме дека на секое надворешно лишување од свештенички чин му претходи едно уште потешко внатрешно и духовно саморасчинување. Клирикот сам се симнува од височината на доверената служба кога својот свештенички глас го претвора во орудие на хулата, кога послушанието го заменува со бунт, смирението со самоволие, братољубието со презир, а пастирската грижа – со соблазна и поделба. Пред Црквата да ја изрече својата канонска пресуда, човекот веќе изрекол духовна пресуда над самиот себе преку своите сопствени зборови и дела.“

Во продолжение ја пренесуваме споменатата декларација во целост.


ДЕКЛАРАЦИЈА
на свештенството во Софиската епархија во поддршка на Неговата Светост Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил

Ние, свештениците од Софиската епархија, вознемирени од сѐ почестите јавни напади, недобронамерни тврдења и клевети што архимандритот Никанор, игумен на Црногорскиот манастир „Свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан“, веќе со месеци ги шири преку медиумите и социјалните мрежи, чувствуваме должност повеќе да не молчиме кога се навредуваат Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија и нашиот духовен пастир – Неговата Светост Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил. Уште повеќе затоа што и нашето трпеливо молчење кон однесувањето и зборовите на нашиот собрат може да биде протолкувано како рамнодушност или дури како тивка согласност и прикриена поддршка на обвинувањата што тој секојдневно ги изнесува во јавниот простор.

Реториката на архимандритот Никанор нѐ враќа во веќе подзаборавените времиња од раните години на расколот, кога уличниот и нецрковен јазик си дозволуваше да упатува најразлични словесни навреди кон Бугарскиот патријарх. Мислевме дека сето тоа одамна е надминато, но, за жал, денес повторно се појавува во ликот на клирик од нашата епархија.

Своевидна кулминација на медиумските настапи на архимандритот Никанор е неговата таканаречена „официјална изјава“ од 28 јули 2026 година, во која се осмелува да ја нарече Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија „привид на црква, лакеј на рускиот империјализам“. Ние, како клирици на истата таа Црква, не се чувствуваме како ничии лакеи, ниту пак Му служиме на Бога во „привид на црква“, туку сме служители во Телото Христово, чиј дел е и Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, а особено Софиската епархија. Исто така сметаме дека ваквиот однос кон Црквата може да произлезе единствено од ум на човек кој политичкото и световното размислување го претпочитал пред духовниот поглед на светот.

Самиот архимандрит Никанор многупати покажал дека токму тоа му се случува. Неговите зборови речиси секогаш наликуваат на партиски пароли, со јасно посочување со прст кон „непријателот во расо“ во Црквата. Во таа смисла, тој повеќепати го навредувал и го обвинувал за најразлични „престапи“ не само Неговата Светост, туку и многумина наши собраќа и мирјани, кои, благо речено, се згрозени од неговото однесување. Вознемирени сме од леснотијата со која архимандритот користи циничен јазик кон луѓето што ги сомничи за политичко предавство, а истовремено бара безгранична љубов и милост кон самиот себе. И тоа додека јавно исповеда дека тој и неговите собраќа од манастирот „го презираат“ патријархот. Ние, пак, знаеме дека вистинскиот христијанин треба да ги љуби дури и своите непријатели. Својот сопствен архипастир може да го презира само човек кој потпаднал под влијание на демоните или на други нецрковни сили.

За целата ситуација да биде претворена во гротеска, архимандритот Никанор изјавува дека насилно бил присоединет кон Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија во 2004 година. Очигледно е дека во неа престојувал повеќе од дваесет години, при што, веројатно „насилно“, станал јеромонах и архимандрит. И, веројатно „насилно“, се потпишувал на платните списоци во Софиската света митрополија. За време на ова „насилство“ врз него, тој, сепак, многупати служел со кого сакал и каде што сакал, без благослов од својот епархиски митрополит, што претставува очигледно нарушување на црковниот поредок. Во тоа спаѓа и сослужување надвор од земјата, вклучително и со неканонски клирици. Во манастирот со кој управува како игумен, како да е негова лична сопственост, поканува украински деца и се крие зад нив како зад жив штит за да се прикаже како политички прогонуван. А сега доаѓа и до неговите повици за „црковно-народна борба“ за создавање „вистинска народна црква“, за соборување на нашиот канонски патријарх, за граѓанска непослушност и за непосетување на храмовите. Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија е прогласена за „непријател на својот народ“ поради изборот на Неговата Светост Бугарскиот патријарх, кого тој си дозволува да го нарекува со неговото световно име.

Со оваа декларација, според нашата совест, ја изразуваме нашата целосна поддршка кон Неговата Светост Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил, како и нашата намера да Му служиме во послушание, согласно догматите и каноните на православната вера. Обвинувањата кон патријархот Даниил дека е спроводник на кремљанско влијание во Црквата се смешни. Неговата Светост ниту во своите јавни настапи, ниту во личните разговори со кој било од нас не покажал нешто друго освен грижа за Црквата и никогаш не пројавил наклонетост кон која било друга помесна Црква или политичка идеологија. За разлика од архимандритот Никанор, кој настапува како гласноговорник во Бугарија на туѓи интереси и влијанија.

Долгогодишното „подвижништво на Фејсбук“ на архимандритот Никанор ја изопачува самата идеја и претстава за Црквата – не како простор на единство, послушание, покајание и заедничарење во Христа, туку како арена на лични конфликти, политички спротивставувања и непрестајно јавно самопромовирање. Претворањето на ова јавно самоистакнување во своевидна „медиумска аскеза“ фактички ги заменува монашкото молчание, послушанието и покајанието со непрестајно присуство на социјалните мрежи, политичка агитација, систематски препукувања, злословење и јавно жигосување на архиереи, клирици и мирјани. Таквото однесување веќе не претставува само личен духовен неуспех, туку создава опасна и соблазнителна претстава за монаштвото и свештеничката служба, при што монашкото и свештеничкото достоинство се претвораат во средство за јавно влијание, а слободата на говорот – во оправдување за хулата, непослушноста и неодговорноста. Ако Црквата не постави јасна граница, кај верниците ќе се зацврсти погубната претстава дека во животот на еден клирик можат неказнето да се заменат послушанието со самоволие, пастирското сведоштво со политичка агитација, слободата на говорот со неодговорност, дозволената и добронамерна критика со хула, а свештеничката служба – со непрестајна јавна самопромоција, без духовна и канонска одговорност за предизвиканата соблазна.

Категорично се оградуваме од архимандритот Никанор, затоа што неговите зборови и дела, како и неговиот уличен и хулигански жаргон, ги сметаме за неприфатливи и недозволиви за клирик на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија. Уште повеќе, тие се опасни и можат да доведат до погубни духовни последици, особено кај оние што сѐ уште не се утврдени во верата и лесно се заведуваат од политиката. Сметаме дека во Црквата „сѐ треба да биде пристојно и уредно“ (1Кор. 14, 40).

Исто така сметаме дека Црквата „нема дамка или порок, или нешто слично, туку е света и непорочна“ (сп. Еф. 5, 27). Ако некој бара дамки или пороци, должен е најнапред да ги најде во самиот себе. Црквата е Телото Христово, а желбата да се создаде „нова народна црква“, која ќе биде политички погодна за некого, е демонска, а сите ние добро сме ги виделе последиците од таквите обиди.

Сметаме дека однесувањето на архимандритот Никанор веќе со години силно ги соблазнува мирјаните – нашите духовни чеда – и внесува немир и поделби во душите за кои ние се грижиме. Ако еден клирик може да си дозволи вакво однесување кон својот Првојерарх, тогаш каде нашите парохијани ќе најдат надеж кога ќе посакаат да ја одбранат својата вера?

На крајот, уште еднаш ја изразуваме нашата целосна поддршка кон Неговата Светост Даниил, Митрополит Софиски и Патријарх Бугарски. Сите ние во нашите проповеди сме говореле дека Црквата е семејство. Оваа наша декларација е плод токму на таа духовна семејност. Кога неправедно се навредува твојот татко, кого го љубиш, понижувачки е да молчиш. Кога се навредува Црквата во која се надеваме дека ќе се спасиме, грев е да не заземеш став. Зашто сите ние не очекуваме „нова црква“. Ние ѝ припаѓаме на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Воедно, јасно изјавуваме дека црковната казна не е чин на одмазда, ниту средство за човечко понижување. Таа е духовен лек, повик кон покајание и граница што Црквата е должна да ја постави кога зборовите и постапките на нејзин клирик почнуваат да ги разоруваат мирот, единството и довербата меѓу пастирите и паството. Колку е повисока црковната служба, толку е поголема и одговорноста за секој изговорен збор, за секоја предизвикана соблазна и за секој јавен повик кон непослушност и раскол.

Со длабока жал мораме да кажеме дека на секое надворешно лишување од свештенички чин му претходи едно уште потешко внатрешно и духовно саморасчинување. Клирикот сам се симнува од височината на доверената служба кога својот свештенички глас го претвора во орудие на хулата, кога послушанието го заменува со бунт, смирението со самоволие, братољубието со презир, а пастирската грижа – со соблазна и поделба. Пред Црквата да ја изрече својата канонска пресуда, човекот веќе изрекол духовна пресуда над самиот себе преку своите сопствени зборови и дела.

Поради тоа ги повикуваме надлежните црковни органи со потребната строгост, непристрасност и одговорност да ги разгледаат сите постапки и јавни изјави на архимандритот Никанор и, доколку наведените прекршувања бидат утврдени по пропишаниот црковно-судски ред, да му изречат казна што ќе одговара на нивната тежина. Во таа смисла, молиме оваа декларација да биде приложена кон започнатата црковно-дисциплинска судска постапка против споменатиот клирик.

Овој наш повик не произлегува од лична нетрпеливост, желба за одмазда или откажување од христијанската милост. Тој произлегува од грижата за чистотата и достоинството на свештенството, за канонскиот поредок, за единството на Црквата, за душите на соблазнетите верници и, не на последно место, за спасението на самиот клирик кој згрешил. Зашто понекогаш и најстрогата црковна казна се покажува како последниот повик на Мајката Црква кон покајание, освестување и враќање кон вистината.

Се молиме Господ да ни дарува на сите нас дух на смирение, трезвеност и расудување, да го вразуми оној што се заблудил, да ги укрепи соблазнетите и да ја сочува нашата света Црква од поделби, ожесточеност и од секое дејство на духот на расколот.

Следуваат потписите на 75 свештенослужители.

Извор: https://mitropolia-sofia.org/2026/07/30/декларация-на-свещенството-в-софийск/