Света Гора ќе добие нов повеќенаменски регионален медицински центар со финансиска поддршка од локалните власти, по потпишувањето на соодветната одлука од страна на регионалната гувернерка Атина Аидона. Медицинскиот центар ќе ги опслужува потребите на монасите и поклониците, а ќе биде финансиран преку програма на локалните власти, со износ од 3,4 милиони евра.
Центарот ќе биде сместен во нов објект што ќе се изгради во манастирот Ватопед.
Како што истакна г-ѓа Аидона, „во соработка со Министерството за здравство и Четвртата здравствена управа ја финансираме изградбата на нов објект во Света Гора, со цел да се создаде неопходна јавна здравствена установа, која ќе се покаже како непроценлива и за монашката заедница и за милионите посетители на Света Гора секоја година“.
Таа нагласи дека станува збор за капитален проект за Светогорската монашка држава, кој ќе пополни голема празнина во здравствената грижа и медицинската заштита.
Новиот објект ќе биде целосно усогласен со архитектонскиот и природниот амбиент на Света Гора и ќе биде изграден во согласност со важечките прописи што се однесуваат на ова подрачје.
Зградата ќе има две подземни нивоа, секое со површина од 400 квадратни метри, како и едно надземно крило со површина од 150 квадратни метри. Парцелата на која ќе биде изграден новиот медицински центар има површина од 698 квадратни метри.
