Света Гора личниот идентификациски број да биде незадолжителен во документите за лична идентификација

Светата Киновија на Светата Гора Атос на 14 април годинава испрати писмо до Министерот за дигитално управување, г-дин Димитриос Папастергиу, во кое ја изразува својата загриженост поради усвојувањето на законот со кој се предвидува задолжително доделување на личен идентификациски број (единствен матичен број на граѓанинот) на сите грчки граѓани.

Ова не е прво обраќање на Светата Киновија до овој Министер, во врска со оваа тема, на 16 август 2024 година беше упатено писмо за коешто известивме.  

И во најновото писмо Светата Киновија повторно го повикува Министерот да ја земе предвид резервираноста на многу грчки граѓани, како и на светогорците, во врска со личниот број за идентификација, и бара тој да не биде задолжителен.

Во продолжение во целост го пренесуваме ова писмо, кое го објавија неколку грчки црковни медиуми.


Света Киновија на Светата Гора Атос
Кареја, 1/14 април 2025 г.
Бр. протокол: Φ.7/42/893

До Неговата Екселенција
Министер за дигитално управување
г-дин Димитриос Папастергиу
Атина

Ваша екселенцијо, господине министер,

Откако бевме информирани дека по неодамнешното изгласување во Парламентот на амандманот на Министерството за дигитално управување во врска со „Наведувањето на личниот број за идентификација во личните карти на грчките граѓани“, се предвидува задолжително издавање на личен број за идентификација за сите граѓани, по нашето писмо од 3/16 август 2024 година, повторно се навраќаме на оваа тема.

Личниот број за идентификација, кој според законот ќе биде доделен на секое физичко лице и ќе остане непроменет во текот на целиот негов живот, ќе може да биде поврзан со мноштво лични податоци во еден заеднички систем, со кој ќе управува Главната канцеларија за информациски системи на јавната администрација.

Бидејќи не постои таква обврска според европска директива, и ние, делејќи ги оправданите резерви на многу грчки граѓани и на нас, светогорците, Ве молиме да ја разгледате можноста личниот идентификациски број да не се издава задолжително, туку незадолжително, по избор на секој граѓанин.

Со длабока почит, и надевајќи се дека ќе се зафатите со ова прашање на позитивен начин, Ви се обраќаме со особена чест и молитви.

Сите претставници и претстоители на дваесетте Свети Манастири на Света Гора Атон.

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/69152-epistoli-agiou-orous-gia-ton-prosopiko-arithmo