Света Гора со реакција за Синајскиот манастир

Со историско и исклучително значајно писмо, Светата Општина на Света Гора јавно го изнесува својот став и му се обраќа на новоизбраниот архиепископ синајски, Фарански и Раитски и игумен на Светата обител на Света Екатерина, г. Симеон. Писмото, кое го потпишуваат претставниците и настојателите на сите дваесет Свети манастири на Светогорската Држава, не содржи само топли честитки по повод устоличувањето на г. Симеон на историскиот престол на Синајската Гора, туку истовремено ја изразува и длабоката загриженост на Светогорската Држава поради информациите што се објавуваат во јавноста во врска со обидот за промена на сопственичкиот и институционалниот статус на древната обител.

Во средиштето на реакцијата на Светата Општина се неодамнешните написи според кои се разгледува воведување на досега невиден режим на „двојна сопственост“. Според овој план, сопственоста над Светата обител на Света Екатерина и над нејзиниот историски имот, наводно, би преминала на Египетската држава, додека на Синајското братство би му останало само правото на користење. Светата Општина категорично ја отфрла таквата можност, нагласувајќи дека сопственоста и користењето не претставуваат истоветни права.

Во продолжение го пренесуваме преводот на ова писмо, објавено на грчкиот црковен портал „Ромфеа“.


До Неговото Високопреосвештенство
архиепископот Синајски, Фарански и Раитски и
игумен на Светата обител на Света Екатерина,
г.г. Симеон

Високопреосвештен оче и владико,

Светата Општина на Света Гора Атонска, која ги претставува дваесетте свети и царски манастири на нашата Светогорска држава, Ви ги упатува своите срдечни и братски честитки по повод Вашиот избор на прочуениот престол на Светата обител на Богочекорената Синајска Гора.

Од сета душа се молиме светата великомаченичка Екатерина, заштитничка и покровителка на Вашата древна Обител, да Ве закрилува и укрепува во високото служење што го презедовте во еден особено критичен пресврт во нејзината многувековна историја. Нашата радост поради Вашиот избор, сепак, е придружена и со длабока загриженост поради случувањата во врска со историскиот, правниот и имотниот статус на светата обител.

Синај и Атон се поврзани со врски многу подлабоки од заедничкото монашко предание. Тие претставуваат две од малкуте преостанати живи монашки институции во современиот свет, кои, под покровителство на Пресвета Богородица, низ вековите сочувале особен статус на самоуправа, институционална автономија, имотни права и јавноправен статус, под последователни државни и правни поредоци. Не е случајно што Синај е наречен „Света Гора на првиот милениум“. Како што Атон во вториот милениум стана, пред сè, ковчег на православното општежително и исихастичко монаштво, така и Богочекорената Синајска Гора уште од првите христијански векови претставува живо сведоштво на монашкото предание на Истокот.

Но, она што е чудесно во случајот со Синај е и нешто повеќе: статусот на оваа света институција бил почитуван низ вековите. Последователни владетели, од различни верски и државни традиции, ги признавале и ги заштитувале Синајското братство, неговата автономија, имотите, метоси, вакуфите и неговите привилегии. Особено исламскиот и османлискиот правен поредок, преку ферманите, судските акти и вакуфските институции, повеќепати ги признавал и заштитувал правата на Обителта и Братството. Токму оваа непрекината историска последователност претставува големо наследство на Синај.

И денешен Египет ја има извонредната привилегија, но истовремено и големата историска одговорност, на идните поколенија да им го предаде овој единствен статус непроменет, онака како што го примил од вековите историја.

Затоа кај нас предизвикаа длабока загриженост неодамнешните написи според кои се разгледува воспоставување на нов и досега невиден статус на таканаречена „двојна сопственост“, според кој сопственоста над Обителта и нејзиниот историски имот би преминала на египетската држава, додека на Синајското братство би му останало правото на користење.

Доколку овие информации се точни, станува збор за промена која не може едноставно да се смета за нов начин на обезбедување на постојниот статус. Сопственоста и користењето не се истоветни права. А претворањето на едно историско право на сопственост во право на користење што се доделува претставува промена на status quo, а не негово зачувување.

Ние, Светогорците, од нашата сопствена многувековна историја знаеме дека древните монашки статуси не се зачувуваат преку привремени отстапки, ниту преку гаранции зависни од променливите околности. Тие се зачувуваат кога државата го признава и го почитува институционалниот континуитет, самоуправата и историските права што ги наследила од историјата.

Затоа, Високопреосвештен Архиепископе Синајски, сакаме да знаете дека Светата Општина и целото Светогорско братство братски и со сета душа стојат покрај Вас и покрај Синајското братство.

Нашиот став е јасен и недвосмислен: историскиот, монашкиот, институционалниот, правниот и имотниот статус на Светата Обител на Богоодената Синајска Гора треба да остане непроменет, онаков каков што е, без никаква промена.

Она што шеснаесет векови историја го почитувале, треба да остане почитувано и денес. А зачувувањето на Синај не се однесува само на синајските отци. Тоа се однесува на целото Православие, бидејќи нарушувањето на еден древен монашки статус со таква историска трајност би претставувало опасен преседан за древните Патријаршии, историските монашки установи и светите места на Истокот.

Во нашата светогорска свест, Атон не може да го смета Синај за туѓо прашање. Искушението на Синајското братство е и наше искушение. Веруваме дека Египет, земја со голема историја и култура, ќе ја согледа големината на својата одговорност и ќе избере и во XXI век да стане гарант на историскиот континуитет на Синај, како што пред него биле толку многу владетели и господари.

А над човечките планови и грижи, ние ја зачувуваме непоколебливата увереност дека светата великомаченичка Екатерина нема да ја напушти својата Обител и Братството, кое толку векови му служи на нејзиното свето поклоничко место.

Повикувајќи го нејзиното молитвено застапништво и молејќи се Господ да Ве укрепи во тешката и историска одговорност што ја презедовте, остануваме со најдлабока почит и со братска љубов во Христа.

Сите претставници и настојатели собрани на заедничкото Собрание
на дваесетте Свети манастири на Света Гора Атон.

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/78543-paremvasi-stathmos-tou-agiou-orous-gia-tin-moni-sina