Света Гора воведува нови ограничувања за странските поклоници

Светата Киновија на Света Гора Атонска објави дополнителни ограничувања за прием на странски поклоници, кои ќе стапат во сила од 14 јуни 2025 година, кога должноста ја презема новата Света Епистасија (управното тело на Света Гора). Одлуката е донесена поради наглиот пораст на бројот на поклоници, особено од странство, што, според монашките власти, го нарушува тихувателниот карактер на Света Гора.

Во официјалното послание од 15 мај (т.е. 28 мај според новиот календар) се наведува дека од јуни ќе се применуваат следниве мерки:

– Најмногу 300 месечни сместувања ќе бидат дозволени за странски поклоници по манастир.

– Грчките и кипарските поклоници нема да бидат предмет на ограничувања.

– Посебен третман добиваат манастирите: Хиландар (српски), Зограф (бугарски) и Св. Пантелејмон (руски), за кои нема да важат ограничувањата за поклоници од Србија, Бугарија, Русија и Украина.

И покрај веќе заострените мерки од декември 2024 година, за кои известивме, приливот на поклоници продолжил да се зголемува. Причина за тоа, според Светата Заедница, се туристичките агенции кои организираат комерцијални аранжмани во соработка со поединечни монаси или манастири, што ја поттикнува комерцијализацијата на Светата Гора.

Монасите изразија загриженост за можноста од развивање на туристички карактер на Света Гора, потенцирајќи дека ваквиот тренд ја загрозува духовната тишина и монашкиот дух на ова свето место.

Во посебни случаи, како што се големите манастирски празници, на манастирите им е дозволено да примаат повеќе поклоници, но само по писмено известување до Канцеларијата за поклоници.

Извор: https://www.romfea.gr/agioritika-nea/70184-neoi-periorismoi-proskyniton-sto-agion-oros