Празникот на преподобниот Петар Коришки беше торжествено прославен во манастирот Црна Река, каде што се наоѓаат неговите нетрулежни и исцелителни мошти.
Прославата почна со вечерна богослужба покрај моштите на светителот, на која началствуваше Преосвештениот Епископ Новобрдски г. Иларион, викар на Српскиот патријарх.
Утредента, на самиот празник на светителот, беше отслужена Божествена литургија во дворот на манастирот, на која што началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот црногорско-приморски г. Јоаникиј, во сослужение со Епископ новобрдски г. Иларион, свештенството и свештеномонаштвото од повеќе епархии на Српската и Македонската православна црква.
По читањето на Евангелието, беседеше Владиката Иларион, кој меѓу другото кажа: „И еве, продолжува таа тајна: тој се повлече од светот, а светот доаѓа кон него. Тој ги послуша зборовите Христови дека не може да се биде Христов ученик ако – тоа се тешки зборови, кои го параат слухот – не ги намразиш татко си или мајка си, или жена си или децата си, па дури и самиот свој живот. Како тоа Бог, кој рекол дека е љубов и дека љубовта е единствениот закон, сега зборува за омраза? Тој нѐ поучува да го следиме нашиот татко Аврам, бидејќи сме негови деца – деца по ветување, деца на Аврамовата вера. А Аврам, како што знаете, го положи испитот тогаш кога беше подготвен и својот син да го положи на Божјиот жртвеник знаејќи дека со Бог човек никогаш не е на губиток. Искуството на благодатната заедница, кое го имал Аврам, било посилно од секое друго искуство. Тој знаел дека со Бога не може ништо да биде лошо, па апостолот Павле потоа ќе го толкува тоа како Аврам да исповедал вера во воскресението. Тој верувал дека ако го принесе својот син како жртва, нема да го загуби, дека Господ ќе го оживее.“
Тој додаде дека и ние треба да бидеме деца на Аврам, деца на неговата вера.
„Да се трудиме сѐ да му предадеме на Господ, па дури и самиот свој живот. И всушност, тоа е таа немразечка омраза кон сѐ останато. Кога ќе разбереме дека немаме живот сами по себе. И затоа се вели: самиот свој живот. Тоа е всушност ништо. Човек сам по себе не постои. Благодатното искуство нѐ учи дека животот е во Христа. Апостолот Павле вели: Мене животот ми е Христос, а смртта ми е добивка. И кој не го положи својот живот, нема ни да го здобие“, објасни тој.
„Да бидеме сите следбеници на преподобниот отец Петар, следејќи го Господ Христос. Ние не можеме да ја имаме таа мерка на подвиг што ја имал тој, но можеме да ја поднесеме тешкотијата која ни ја носи секој ден. Можеме да прифатиме неправда како лек за вечниот живот. Можеме така да ги прифатиме и болеста и разочарувањата и во другите и во самите себе и да не се разочаруваме, знаејќи дека кога сме со Бога, сѐ е добро“, порача Епископот новобрдски г. Иларион.
По заамвоната молитва беа благословени славските дарови, а потоа беседеше Митрополитот Јоаникиј. Тој рече дека Свети Петар Коришки, за да што повеќе Му угоди на Господа, живеел во осамеништво.
„За да разговара со Бога, за да ја осветува својата душа со молитва и пост и подвиг, за да се избори со своите страсти, со траумите и лошото наследство кое сите го носиме од нашиот прататко Адам. И тој, како светите древни отци, тргнал по тесниот пат што води кон небесното Царство. Не станал познат така што водел војни и победувал во нив како некој војсководец, ниту пак правел некои други дела, освен што живеел по Бога и изградил едно скромно манастирче во Кориша над Призрен, таму каде што се подвизувал. Но, ја водел онаа главна битка и главната војна, најголемата и најдолготрајната војна од која зависи вечната судбина на човекот и неговото спасение. Ја водел битката со своите маани, со своите страсти, со демоните, со демонските привиденија и искушенија и се покажал како храбар борец во таа војна. И со Божјата благодат ги победил сите свои страсти. А велат дека најтешко е некој да се победи себеси, своите страсти, својот егоизам, својата себичност. Тој и таа војна ја добил, како и војната со демонските привиденија и искушенија така што неговото име станало страв за демоните“, рече Митрополитот црногорско-приморски.
Митрополитот Јоаникиј потсети дека свети Петар Коришки сметал дека најважно е да се повлече од овој свет и да Му служи на Господа.
„И не се грижеше за тоа што луѓето не знаеја за него. А денес, ние не само што сакаме луѓето да нѐ видат, туку сакаме и да дојдеме на важни места и да учествуваме во важни настани… Сето тоа е убаво, нема ништо лошо во тоа. Но, тоа не е сѐ, драги браќа и сестри. Денес се вели и тоа дека она што не е забележано, всушност, не се случило. Но, видете, кој ги бележел подвизите, молитвите, воздивнувањата, борбите и тие страдања кои свети Петар Коришки ги доживеа во овој свет заради Бога? Кој ги гледал неговите трудови и кој ги бележел? Господ Бог. Тој, криејќи се од луѓето, излегол пред лицето Божјо и се огледал во Божјото лице. Божјата светлина го осветлила неговото битие и Божјата благодат го исполнила неговото срце. И тоа е она што има вечна вредност, а ова што ние го бележиме, верувајте, е од денес до утре“, беседеше Митрополитот Јоаникиј.
По богослужбата за сите присутни беше приредена трпеза.