Светиот Синод на Црквата на Грција даде одговор во врска со информациите дека Црквата ќе отвори кредитна институција

Во соопштение објавено доцна вечерта во понеделникот, на 7 април 2025 година, Светиот Синод на Православната Црква на Грција се осврна на медиумските натписи кои говорат за основање на кредитна институција од страна на Црквата на Грција, и истакна дека таква одлука не е донесена.

Во врска со тоа, се соопштува: 

„Во однос на натписите за наводна претстојна апликација од Црквата на Грција до Банката на Грција за основање на кредитна институција, се објавува дека никогаш не е донесена таква одлука од надлежниот Постојан Свет Синод на Црквата на Грција.“

Во соопштението дополнително се нагласува дека: 

„Одговорен за информирање на јавноста за одлуките и намерите на Црквата на Грција е Синодскиот митрополит кој секоја септември е назначуван од Постојаниот Свет Синод како портпарол – и никој друг.“

Информациите на „Катимерини“

Како што откри грчкиот весник „Катимерини“, основањето на дигитална банка чиј акционер ќе биде Црквата на Грција е на прагот. Според нивните, како што наведуваат: „добро информирани извори“, до мај – или најдоцна почетокот на јуни годинава – се планира поднесување на барање до Банката на Грција со сите потребни документи, со цел да се добие дозвола за функционирање на банката.

Како што се наближуваат клучните датуми, темата се отвора повторно во рамките на Црквата, предизвикувајќи загриженост и дилеми за тоа дали е соодветно Црквата да се вклучи во вакво нешто. Од некои архијереи веќе се изразуваат сомнежи околу тоа дали проектот ќе биде успешен.

Едно црковно лице вклучено во подготовките вели за „Катимерини“ дека сите чекори се направени со голема внимателност и без јавни објави, бидејќи постоела загриженост дека може да предизвика реакции – особено од оние кои би сметале дека нивните интереси се загрозени, како што е постојниот банкарски сектор кој би го гледал влегувањето на Црквата на пазарот како конкурентно.

Што треба да вложи Црквата?

Истиот извор наведува дека станува збор за исклучиво дигитална банка – институција што ќе ги нуди сите услуги како класична банка, но без физички филијали, туку само преку интернет пристап. „Ќе биде една модерна електронска банка која нема да го користи имотот на Црквата како залог“, додава соговорникот.

Што вложува Црквата во оваа иницијатива за да биде акционер? Своето многу силно име како бренд. Замислата е дека самата поврзаност со Црквата ќе привлече интерес. „Црквата е пред сè идеја. Дури и во економијата. Ќе се потпрат на неа Грци и од внатрешноста и од дијаспората, но и поширока публика“, се проценува.

Хеленизмот како матица

Со седиште во Грција, целта е да се прошири работата и во земјите каде што има силна грчка дијаспора. Еден од иницијаторите вели: „Мисијата на банката е да создаде нов начин на искористување на хеленизмот како матица на универзалната идеја – нова верзија на олимписки дух во просторот на секојдневната економија“.

Се поставува прашањето: дали кога ќе треба да се даде зелено светло, архијереите ќе кажат „да“? Поддржувачите велат дека се подготвени да разговараат за сè. „Ако има основани приговори, сме тука да ги слушнеме“.

Еден архијереј со кој разговараше „Катимерини“ изразува загриженост: „За многу архијереи, функционирањето на дигитална банка е целосно неразбирливо. Многу е тешко некој да го објасни проектот и да добие поддршка“.

„Дали мисијата на Црквата е да прави бизниси? Не правиш ‘банка за сиромашни’ со микрокредити, туку влегуваш во банкарска конкуренција. Без капитал? Како? Ќе бараш пари од инвеститори?“ – прашуваат некои.

Постои загриженост и за тоа како ќе реагираат верниците, особено оние кои имаат негативен став кон банкарството по кризата. „Како ќе му објасниш на човек што бара утеха од Црквата, дека таа сега прави банка?“ – прашува еден архијереј.

Зилотите

Исто така постои и друго аудиторум – парарелигиозни групи и екстремисти кои, слушајќи за „дигитална банка“, веднаш ќе го поврзат со „жигот“ и „ѕверот“. За тоа се загрижени некои од архијереите кои стравуваат од подем на конзервативни ставови во Црквата.

Поддржувач на проектот повикува на единство и парафразирајќи го апостолот Павле, вели: „Ниту на Аполос, ниту на Кифа, ниту на Павле. Ова е напор на Црквата“.

Нема да станеме Ватикан

Создавачите на иницијативата се обидуваат да ја спречат секоја споредба со Ватикан, каде што често биле актуелни економски скандали поврзани со деловната активност на Светата столица.

Поддржувачите на иницијативата инсистираат: „Нема да станеме Ватикан“.

Извор: https://www.kathimerini.gr/economy/local/563542081/i-iera-synodos-apanta-schetika-me-tin-idrysi-pistotikoy-idrymatos-tis-ekklisias/