Монаси од Нов Есфигмен служеа во Киев

На 12 јули 2026 година, архимандритот Вартоломеј, игумен на светогорскиот манастир „Нов Есфигмен“, заедно со своето монашко братство, сослужуваше со претстоителот на ПЦУ (Православната Црква во Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) Епифаниј во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Киев.

По службата, во својата резиденција, Епифаниј одржал средба со гостите, за време на која поглаварот на Православната црква на Украина му изразил искрена благодарност на архимандритот Вартоломеј и на придружната делегација за нивното присуство во Киев, и покрај предизвиците со кои се соочува земјата – известува грчкиот црковен медиум „Ортодокс тајмс“.

Тој нагласил дека посетата има особено значење, истакнувајќи дека светогорските отци донеле порака на надеж со тоа што дошле во Украина и покрај стравовите и тешкотиите предизвикани од војната: „Вашето присуство овде донесе огромна радост и духовна поткрепа за многу луѓе кои секојдневно се изложени на искушенија“.

Во својот одговор, архимандритот Вартоломеј ја истакнал централната улога на христијанската љубов, потсетувајќи на зборовите од Светото Писмо: „Совршената љубов го изгонува стравот.“ „Љубовта е главната и основна порака на нашата Црква. Ние навистина ве сакаме и токму затоа не се исплашивме да дојдеме и да бидеме покрај вас“ – изјавил игуменот и нагласил дека „љубовта ги надминува сите граници и дека православната вера е повикана да ги обединува верниците, а не да ги разделува“.

Потоа, на 14 јули 2026 година, архимандритот Вартоломеј, во придружба на манастирски отци, служеше Литургија во пештерата на свети Антониј во Киевско-печерската лавра. На крајот од богослужбата, игуменот и неговата придружба упатија срдечна молитва од пештерите за престанок на огнот и за воспоставување мир во Украина.

Архимандритот Вартоломеј е игумен на т.н. „Нов Есфигмен“, чие седиште се наоѓа во административниот центар на Света Гора, Кареја. Тој манастир е одделен од историскиот светогорски манастир „Есфигмен“, кој неколку децении се има одвоено од заедничката управа на Света Гора бидејќи не ја признава јурисдикцијата на актуелното раководство на Цариградската Патријаршија (а како причина за тоа ги наведува: зближувањето со другите христијански конфесии и практикувањето на заеднички молитви со нив, особено со римокатолиците, промената на календарот и изразената екуменистичка позиција). „Нов Есфигмен“ беше формиран со цел да го заземе местото на историскиот манастир „Есфигмен“ во управата на Света Гора. По повеќе наврати се појавуваа наговестувања за насилно протерување на монасите од историскиот манастир „Есфигмен“, како што имаме известувано, но до сега тоа се нема случено.

Треба да се напомене дека само четири светогорски манастири ја признаваат или имаат сослужувано со ПЦУ: „Ксенофонт“, „Пантократор“, „Ивирон“ и „Симонопетра“. Останатите светогорски манастири се спротивставуваат на начинот на кој е формирана таа црковна структура, не сослужуваат со нејзини претставници и не примаат нивни официјални посети, како што се покажа при ланската посета на Света Гора на претстоителот на ПЦУ Епифаниј, за која известивме.

Извор: https://orthodoxtimes.com/abbot-of-esphigmenou-monastery-concelebrates-with-metropolitan-epifaniy-in-kyiv/