Светогорски монаси во посета на Грузиската Патријаршија

На 18 ноември 2025 година, во посета на Грузиската Патријаршија пристигна игуменот на светогорскиот манастир Велика Лавра, Продромос, како и монаси од манастирот на свети Атанасиј Атонски, отец Агатон и јеромонахот Христодул од скитот Света Ана, од келијата на Свети Елефтериј. Тие престојуваат во Грузија на поклоничко патување – известува Грузиската Патријаршија.

Гостите беа примени од местобљустителот на Католикос-Патријаршискиот престол –  митрополитот Шио (Симеон), митрополитот на Ахалцихе и Тао-Кларџети Теодор, претседателот на Одделот за надворешни работи на Грузиската Патријаршија – митрополитот Герасим, раководителот на управата за имот на Патријаршијата – митрополитот Андреја и други свештени лица. Средбата се одвиваше во атмосфера на христијанска братска љубов.

Посебно беше истакнато дека со молитвите и благословот на свети Атанасиј Атонски, кој по мајка бил Грузиец, грузиските атонски отци во 10 век го основале манастирот Ивирон кој со векови останува величествен и братски столб на историската поврзаност меѓу двете Цркви. Исто така беше кажано дека во наше време, благодарение на заложбите на неговата Светост Католикос-Патријархот на цела Грузија Илија II, се воспоставија темели на односите со Света Гора, кои секоја година сè повеќе се продлабочуваат.

Гостите ќе останат во Грузија до 22 ноември и ќе ги посетат светите места, храмовите и манастирите во различните епархии на Грузиската Црква, а во петок, на празникот на светите Архангели, тие ќе отслужат свечена Литургија во храмот на светите Архангели во Дариали.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1H9ky9YLwe/