Светогорски Отци пееја на Божествена Литургија во Казахстан

На 9 мај 2026 година беше отслужена Божествена Литургија во Соборниот храм „Вознесение Господово“ во Алмати, Казахстан со која началствуваше Митрополитот Астански и Казахстански г. Александар од Руската Православна Црква.

Годинешната храмова слава имаше посебен карактер, бидејќи се совпадна со 81-годишнината од Антифашистичката победа и со учеството на исклучителен византиски хор од Света Гора. Централниот настан на литургиското собрание беше присуството на византискиот хор од Новиот Скит на Света Гора, под раководство на истакнатиот протопсалт и типикар, Старец Дамаскин (Симеонидис). Хорот престојуваше во Казахстан по покана за Меѓународниот музички фестивал со тема: „Пасхална песна“.

Верниците имаа единствена можност да ја доживеат соработката на хорот на Соборниот храм, под раководство на Е. Богуславец, со автентичниот светогорски стил, создавајќи атмосфера на духовно воздигнување – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.

За време на Божествената Литургија беше отслужена и посебната молитва што Руската Православна Црква ја востанови во 1994 година за покој на „паднатите на бојното поле, жртвите на гладот и страдањата, и сите што се бореле за Победата“.

Исто така, беше отслужена благодарствена служба по повод Денот на Победата во Големата татковинска војна, при што Митрополитот Александар срдечно им се заблагодари на поканетите архиереи, на мноштвото верници, а особено на о. Дамаскин за високото ниво на црковно-пејачката уметност што ја претстави неговата придружба.

Да се напомене дека во Божествената Литургија учествуваа архиереи и свештенослужители од Казахстан и Русија, претставници на Академијата, студенти од Богословската семинарија во Алмати и голем број верници.

По завршувањето на Божествената Литургија, Митрополитот Александар ги покропи верниците со света вода, посакувајќи им здравје, благосостојба и мир.

Прямая трансляция Литургии в Вознесенском соборе в День ПобедыПрямая трансляция Литургии в Вознесенском соборе в День Победы

Извор: https://www.romfea.gr/patriarxeia-ts/patriarxeio-mosxas/76543-agioreites-pateres-epsallan-se-theia-leitourgia-sto-kazakstan