Денес, 10 октомври 2025 година, напладне, контроверзниот митрополит Киевски г. Епифаниј се најде во Светата Епистасија на Света Гора и во новиот манастир Есфигмен, во рамките на своите контакти со Светата Заедница – известува грчкиот црковен портал „Вима ортодоксиас“. Очигледно е дека не му беше приреден црковен пречек од страна на Светата Епистасија, како што е вообичаено за поглавари или предводници на Цркви, туку како обичен поклоник со побожност ѝ се поклони на Богородица „Достојно ест“.
Тридневната посета на митрополитот Епифаниј на Света Гора започна денес и веќе предизвикува силни потреси во рамките на атонската држава. Иако 16-те манастири што не ја признаваат украинската автокефалија изразија приговори, Светата Киноваијасепак го прифати барањето на украинската делегација, обидувајќи се да ја задржи институционалната рамнотежа.
Одлуката, сепак, беше проследена со напомена дека посетата ќе има „исклучиво поклонички карактер“ — без официјален пречек или благодарствена служба. Пораката беше јасна: „го прифаќаме, но не славиме“.
Според „Вима ортодоксиас“, кој разговараше со стари светогорци, владее тешка и замрзната атмосфера. Многу отци сметаат дека присуството на Епифаниј претставува провокација во време кога единството на Атос е ставено на искушение поради геополитички сенки и раните од украинското прашање.
Придружба и порака од Фанар
За да нема недоразбирања, Цариградската патријаршија го придружува Епифаниј со митрополитот Милитски Апостол, игумен на Патријаршискиот манастир „Света Анастасија Фармаколитрија“. Неговото присуство служи како „институционален штит“ и потсетник дека Света Гора духовно припаѓа на Фанар.
Сепак, за многу монаси оваа посета не е само административен чин, туку тежок симболички настан што отвора стари рани. Од 2018 година, кога беше издаден Томосот за автокефалија на Украинската Црква, Фанар и Москва се наоѓаат во теолошка и политичка „студена војна“. А Света Гора, каде коегзистираат руски, грчки и српски влијанија, се најде во центарот на оваа бура.
Програмата и „обележаните“ поклонички места
Епифаниј ќе ги посети манастирите Пантократор, Ивирон и Ксенофонт, ќе служи бдение во скитот на Пророк Илија и Божествена Литургија во недела во манастирот Ксенофонт, каде што ќе и преноќи. Изборот не е случаен: токму таму беше составен Томосот за автокефалија, што му дава на настанот силна симболика.
Скитот на Пророк Илија има историска врска со Украина, бидејќи го основал монахот Пајсиј Величковски, а чува и свети предмети, како иконата на Богородица што плаче со солзи. Сепак, многу светогорци истакнуваат дека молкот околу посетата не значи прифаќање, туку толеранција во име на мирот.
Реакции на манастирите и тешката заднина
Одлуката за посетата била донесена по низа задкулисни разговори меѓу игумените и Светата Заедница на Света Гора. Според информации на „Вима ортодоксиас“ повеќе манастири зазеле „неутрален став“ за да се избегнат јавни конфликти. Други, пак, изразиле незадоволство, сметајќи дека Епифаниј претставува раскол што не е канонски решен.
„Не се работи за политички, туку за духовен проблем,“ вели еден светогорски старец, „но кога верата се претвора во поле на меѓународна конфронтација, тогаш Света Гора не може да остане недопрена.“ Фанар, преку свои кругови, се обиде да ги намали реакциите, истакнувајќи дека „Атос е патријаршиска територија и е во заедништво со Автокефалната Црква на Украина од 2018 година.“ Во исто време, имаше гласови што ја припишаа реакцијата на некои манастири на „руски задкулисни влијанија“.
Зборовите што ја разгорија искрата
Неколку дена пред неговото пристигнување, Епифаниј во еден говор зборуваше за „современи фарисеи на рускиот свет“ и „духовно слепи водачи што го водат стадото во пропаст“. Иако тие зборови беа изречени во Украина, на Света Гора беа пренесени со недоверба и разочараност. „Света Гора не е место за политички изјави, туку за молитва,“ коментира еден монах, подвлекувајќи ја потребата за воздржаност од сите страни.
Црквата на Грција, која делумно веќе го призна Епифаниј, држи институционално неутрален став и избегнува јавни коментари за да не изгледа дека „ја насочува“ Света Гора. Сепак, многу архијереи приватно изразуваат загриженост дека прашањето за украинската автокефалија се претворило во инструмент на влијание, наместо во пат кон единство.
Расцеп што се заканува да стане траен
Посетата на Епифаниј, дури и под ознаката на поклоничко патување, не поминува незабележано. Напротив, покажува дека расцепот во православието се продлабочува и дека Света Гора останува место каде геополитичките тензии добиваат црковен израз.
Светогорци за „Вима ортодоксиас“ коментираат: „Ако не се воспостави искрен дијалог меѓу братствата и Фанар, состојбата ќе се зацементира.“ Зад пригушените светла и тишината на ќелиите се крие загриженост дека единството на Православието може да се претвори во постојана поделба.
Политичката управа на Света Гора внимателно ги следи настаните, со цел да се избегнат екстремни реакции или инциденти што би ја нарушиле сликата на „Градината на Богородица“.
Денот потоа
Кога свитата на Епифаниј ќе замине во понеделник, ќе остане прашањето: дали Црквата доби нешто од оваа посета, или само се потврди дека расцепот останува жив?
Света Гора, и покрај својот авторитет и духовна сила, не е отпорна на меѓународните тензии. Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа е можноста светиот простор да се претвори во граница на црковна политика.
И додека одлуките се носат далеку од светлината на молитвата, Атос ќе продолжи да молчи — не од страв, туку од тага – завршува известувањето на „Вима ортодоксиас“.
