Во пресрет на празникот Сретение Господово, во полскиот град Лублин свечено беше одбележан Светскиот ден на православната младина, настан што традиционално ги обединува младите верници од различни земји. Организатор на средбата беше Братство на православната младина во Полска, кое годинава собра повеќе од 400 учесници од Европа и Азија.
На покана на домаќините пристигнаа млади православни од Бугарија, Романија, Белгија, Холандија, Грција, Норвешка, Македонија, Литванија, Финска, Велика Британија, како и гостин од Јапонија. Програмата започна на 11 февруари со културна вечер, на која учесниците ги претставија традициите на своите народи преку храна, песни и танци, а се одржа и средба со Епископот Супраслски Андреј.
Свеченото отворање се одржа на 13 февруари. Домаќинот на настанот, Архиепископот Лублински и Хелмски Авел, ги поздрави присутните, додека градоначалникот Кшиштоф Жук истакна дека Лублин со векови претставува место на средба меѓу култури и религии и пример за дијалог и соживот. Во знак на благодарност, архиепископот Авел му подари на градоначалникот албум посветен на историјата на Лублинско-хелмска православна епархија.
Во своето обраќање епископот Андреј им пренесе поздрави од претстоителот на Полската Православна Црква, Митрополитот Сава, нагласувајќи ја грижата на Црквата за младата генерација и повикувајќи ги на ревносно сведочење на верата. Претставничката на младинското братство на епархијата, Дарија Вашчук, потсети дека животот на човекот е постојано барање и средба со Бога и дека ваквите собири се духовна подготовка за Великиот пост и Велигден.
Во рамките на програмата се одржаа концерти, работилници, предавања и духовни разговори. Учесниците можеа да избираат меѓу креативни, музички, танцови и богословски активности, како и практични работилници.
Саботата заврши со сеноќно бдение и акатист кон светиот маченик Гаврил, кој, за да биде разбирлив за странските гости, делумно беше читан на англиски јазик. Кулминацијата на програмата беше Светата Литургија, со која на самиот ден на празникот Сретение Господово чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Лублински и Хелмски Авел, во сослужение со епископот Лодзински и Познањски Атанасиј, Супраслскиот Епископ Андреј и бројното свештенство.
Странските гости го оценија собирот како пример за успешно соединение на духовност и братско дружење. Според нивните сведоштва, ваквите средби создаваат трајни пријателства, ја зајакнуваат верата и го покажуваат живото православие надвор од националните граници – известува интернет страницата на Полската Православна Црква.
Светскиот ден на православната младина денес се смета за најголем настан од ваков вид во Полска, организиран од млади за млади, со поддршка од црковни институции и локални власти, како сведоштво за живата вера и единството на православната младина ширум светот.








