На 10 април 2025 година, „Фондацијата Џон Темпелтон“ објави дека добитник на Темпелтон наградата за 2025 година е Цариградскиот Патријарх Вартоломеј.
Патријархот Вартоломеј, кој е најдолгослужечки поглавар на оваа патријаршија, е одликуван, според зборовите на официјалната објава, за „неговите пионерски напори да ги поврзе научните и духовните разбирања за односот на човештвото со физичкиот свет, обединувајќи луѓе од различни вери во повикот за грижа и заштита на созданието.“
По повод објавата за ова највисоко признание, Патријархот Вартоломеј ја даде следнава изјава:
„Со благодарност и смиреност го прифаќаме ова уникатно признание, кое ја одразува филантропската визија на сер Џон Темпелтон — извонредниот основач на светско движење за вложување во човечкиот дух и во способноста на човекот да ја согледа и искористи силата на Духот. Оваа чест не е само за нашата смирена личност, туку и за Вселенската Патријаршија — Апостолската столица на Свети Андреј Првоповиканиот. Веќе седумнаесет века, оваа Црква на Светители и Маченици, Исповедници и Теолози, ја води духовната мисија на проповедање и сведочење на преобразувачкото Евангелие на нашиот Господ Исус Христос низ целата вселена. Ја прифаќаме оваа исклучителна чест во име на оваа историја на служење на Бога и човечкото семејство.“
Темпелтон наградата првпат ѝ беше доделена на Мајка Тереза во 1973 година, и оттогаш ги одликува духовните водачи како што се Тензин Ѓацо — 14-тиот Далај Лама, Архиепископот Дезмонд Туту, како и визионери како Александар Солжењицин, кралот Абдула од Јордан, славната екологистка Џејн Гудол и водечки научници и миротворци ширум светот.
Во својата објава Фондацијата Темпелтон, говорејќи за Патријархот Вартоломеј, меѓу другото пишува: „Во 1997 година, тој испиша историја со тоа што изјави дека делата кои ја оштетуваат животната средина — како што се загадувањето, уништувањето на шумите и климатските промени — не се само практични грешки, туку и морални падови. Ова пастирско учење воведе нова категорија на грев — ’еколошки грев’ — која оттогаш влијае и на религиозниот и на световниот дискурс за еколошката етика.“
Патријархот Вартоломеј ќе ја прими наградата во Њујорк, во септември 2025 година.
Ова признание претставува втора значајна чест што му е доделена на Патријархот за краток период. На 17 март 2025 година, Академијата за морални и политички науки на Институтот на Франција го избра Патријархот Вартоломеј за „странски член“ на местото што претходно му припаѓаше на покојниот папа Бенедикт XVI (Јозеф Рацингер).
Извор: https://ec-patr.org/the-2025-templeton-prize-to-ecumenical-patriarch-bartholomew/