Терористички напад во црква во Сирија, има загинати

Сириските медиуми известуваат дека бомбаш-самоубиец во Сирија се разнел во неделата во црква полна со верници, убивајќи најмалку девет лица. Експлозијата се случила во Дувајла, во предградијата на Дамаск, во моментот кога верниците се молеле во црквата „Св. Илија“ (Мар Илијас). Новинската агенција SANA, повикувајќи се на Министерството за здравство, јави дека уште најмалку 15 лица се повредени. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија соопшти дека има вкупно 30 мртви и повредени, без да даде точни бројки. Некои локални медиуми јавија дека меѓу жртвите имало и деца.

Во моментот пристигнуваат спротивставени информации за тоа каде точно се случила трагедијата. Дел од изворите тврдат дека под удар бил храм на Антиохиската Црква.

Ова е прв напад од ваков вид во Сирија по многу години и доаѓа во момент кога Дамаск, под de facto исламска власт, се обидува да обезбеди поддршка од малцинствата. Додека претседателот Ахманд ал-Сараа се обидува да воспостави власт над целата земја, постојат загрижености поради присуството на екстремистички џебови кои остануваат латентни во оваа војна разурната земја.

Ниту една организација не ја презеде одговорноста во неделата, но сириското Министерство за внатрешни работи изјави дека екстремист од Исламската држава влегол во црквата, отворил оган кон присутните, а потоа се разнел со експлозивен елек, потврдувајќи ги сведочењата на очевидци.

Очевидец по име Равад изјави за „Асошиетед прес“ дека го видел напаѓачот, кој бил придружуван од уште две лица што побегнале додека тој се приближувал до црквата.

„Пукаше кон црквата… а потоа влезе внатре и се разнесе“, рече тој.

Сирискиот министер за информации, Хамза Мустафа, го осуди нападот, нарекувајќи го терористички чин.

„Овој кукавички чин е во целосна спротивност со вредностите на цивилизиран соживот кои нè обединуваат“, напиша тој на социјалната мрежа X (поранешен Твитер).

Извор: https://apnews.com/article/syria-church-attack-damascus-mass-da2ed505d6625fce1fc9de9e88c200a3