„Тешка и напната е атмосферата што владее во последните денови на Света Гора поради претстојната посета на митрополитот Киевски Епифаниј, поглавар на Украинската автокефална црква, која не е признаена од повеќето Помесни православни цркви, ниту, пак, од Света Гора“ – известува грчкиот црковен портал „Вима Ортодоксиас“.
Според информациите на „Вима Ортодоксиас“, Епифаниј се очекува да пристигне на Света Гора средината на оваа недела и да ги посети светите манастири Ксенофонт и Пантократор, како и скитот на пророк Илија.
Сепак, оваа посета не се гледа позитивно од страна на целата светогорска заедница. Напротив – предизвика вознемиреност и незадоволство во поголемиот дел од манастирите, бидејќи огромното мнозинство од светогорските монаси не ја прифатија автокефалноста што Цариградската Патријаршија ѝ ја додели на Украинската црква во 2019 година.
Повеќето манастири се спротивставени на украинската автокефалија
Од самиот момент на прогласувањето на новата автокефална Украинска црква, светогорската заедница задржа јасно дистанцирана позиција, избирајќи да не даде официјално признавање. Како што истакнуваат монашки кругови, ова произлегува и од канонски причини, но и од ставот дека прашањето предизвика длабок раскол во православието.
Повеќето манастири продолжуваат да одржуваат евхаристиско единство со Московската патријаршија, што ја зголемува воздржаноста кон секој контакт со Епифаниј.
„Неговата посета ќе биде формална и ограничена, и нема да ја претставува позицијата на мнозинството монаси“ – изјави висок претставник на еден манастир на Света Гора, барајќи анонимност.
Без официјален пречек од Светата Епистасија
Показател за тежината на ситуацијата е и тоа што нема да има официјален пречек од страна на Светата Епистасија – највисокото извршно тело на Светогорската заедница. Оваа одлука претставува силен израз на незадоволство и дистанцирање од одлуките на Фанар и начинот на кој тој го реши украинското црковно прашање.
Како и во минатото, Светата Епистасија претпочита да задржи дистанца од потег што се смета за контроверзен и разделувачки за православниот свет. Претставници на Светогорската заедница нагласуваат дека посетата на Епифаниј не може да се сфати како знак на признавање, ниту значи промена на ставот на Света Гора.
Посета на профанарски манастири
Во неговата агенда, според достапните информации, се предвидува поклонение во скитот на пророк Илија, како и посети на манастири што имаат поблиски врски со Цариградската Патријаршија и ја поддржаа одлуката за автокефалија.
Овие чекори, според монашки кругови, се толкуваат како обид на Епифаниј да добие „легитимитет“ преку своето присуство на Света Гора – дури и без прифаќањето на мнозинството. Не се исклучува можноста за јавни изјави или литургиски дејствија што би имале цел да покажат дека Украинската црква ужива „сеправославно признавање“ – нешто што предизвикува загриженост и реакции.
Светогорци: Единството на Православието е над сè
Монаси кои зборуваа за „Вима Ортодоксиас“ истакнуваат дека Света Гора останува верна на својата улога како духовен центар на Православието и не сака да се вплеткува во црковни конфликти што го нарушуваат единството.
„Должни сме да го сочуваме Атос подалеку од секоја конфронтација. Единството на Православието е над сè“, нагласуваат тие.
И покрај напорите на Епифаниј да ѝ даде меѓународен и всеправославен углед на својата посета, пораката од мнозинството манастири е јасна: украинската автокефалија останува тема што разделува и која не е завршена. Додека таа рана не се излечи, секоја негова посета ќе биде проследена со сомничавост и загриженост – завршува известувањето на „Вима Ортодоксиас“.
