Интернет страницата на Православната црква на Албанија, по 40 дневниот помен за блаженоупокоениот Архиепископ Тирански и на цела Албанија Анастасиј (Јанулатос) го објави неговиот тестамент кој е напишан во Тирана, 1997 година, а коригиран во 2015 година.
Во продолжение во целост го пренесуваме објавениот тестамент.
Благословено да е Твоето име, Господи. Со длабока благодарност ги разгледувам годините што ги поминав на оваа земја, на ова неверојатно вселенско летало што се движи кон бесконечноста. Ти благодарам, Света Троице, што ми откри дека бесконечното е љубовта – ТИ. И што ме повика уште од детството да учествувам во авантурата на Твојата љубов, дарувајќи ми ја радоста на Таинствата на Црквата, за да живеам како клетка во мистичното Тело Христово – Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
Ти благодарам што, и покрај мојата духовна немоќ и слабост, ме прими да му служам на човекот на различни географски и социјални граници, секогаш гледајќи го мистеријата на Крстот и Воскресението, често „во многу маки со радост на Светиот Дух“.
Длабоко од срце им благодарам и на моите покојни родители, учители, архиереи и духовни водичи кои ме поддржаа во мојот духовен пат; на саканите роднини – по крв и по дух; на браќата, сестрите и соработниците во мисијата; на поранешните мои студенти, на саканите африкански браќа, како и на избраниот народ Божји од Црквата во Албанија за нивната искрена љубов и посветеност.
***
Недвижен или подвижен имот, по Божја милост – немам. Сè што стекнав низ годините, веќе е дарувано за дела на љубовта. Финансиските средства што се водат на мое име како архиепископ ѝ припаѓаат на Црквата во Албанија. Ги молам извршителите на мојот тестамент половина од тие средства да бидат искористени за завршување на црквата на Воскресението во Тирана, а другата половина да остане соодветно инвестирана, при што приходите од инвестицијата да бидат користени за поддршка на платите на свештениците и програмите за млади во Албанската Црква.
Авторските права од продажбата на моите книги да бидат уплатени во корист на Меѓуправославниот центар „Поревтендес“.
За извршители на овој тестамент ги назначувам мојот архиепископот што ќе ме наследи, како и секретарот на Светиот Синод, Епископот Амантински г. Натанаил. Тие да се погрижат скромните лични предмети што сум ги користел да бидат доделени како спомен на моите верни соработници кои самопожртвувано ми беа придружници и служители во Црквата.
Моите книги да бидат дадени на библиотеката на Архиепископијата и на библиотеката на Православната теолошка академија „Воскресение Христово“, а неколку симболично да бидат распределени во другите три митрополии. Книгите што се наоѓаат во Атина да бидат предадени на библиотеката на „Поревтендес“.
***
Во текот на мојот живот, служејќи на различни црковни позиции и меѓународни организации, неизбежно сум нажалостил многумина – било од слабост, било од невнимание. Во овој свет час на разделба, ја молам нивната прошка. Од длабочината на мојата душа, простувам на сите кои, свесно или несвесно, со неправди, интриги или клевети ми го направија патот тежок и болен.
***
Со моите скромни сили се обидов да придонесам за ширењето на хоризонтот на современите православни христијани кон нивната апостолска и вселенска одговорност – во Грција, во Африка, на меѓународниот црковен план, а особено од 1991 година – посветувајќи се на обнова на напатената Албанска Црква, која ја засакав со целото свое срце. Сето значајно што било постигнато ѝ припаѓа на Божјата благодат.
И сега, браќа мои, соработници, сакани духовни чеда – во Албанија, во Грција, во Источна Африка и насекаде во светот, „моја радост и венец“, се збогувам, посакувајќи ви го најголемото што можам: „Затоа ги преклонувам своите колена пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос… да ви даде, според богатството на Својата слава, сила за да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во вашите срца, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате, заедно со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов, која го надминува секое знаење, за да се исполните со сета Божја полнота“ (Еф. 3, 14-19).
Ве молам, не престанувајте да се молите Бог да се смилува на мене, Неговиот грешен и недостоен слуга, и да ме прифати покајан во бесконечноста на Својата љубов. „А на Оној што според силата што дејствува во нас, може да изврши неспоредливо повеќе од сѐ што ќе побараме или помислиме, Нему нека Му е слава во Црквата и во Христос Исус во сите поколенија и за вечни векови. Амин!“ (Еф. 3, 20-21).
Последниот меѓу епископите
+ Архиепископ Тирански Анастасиј
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2025/03/02/διαθήκη-αρχιεπισκόπου-τιράνων-και-πά/