Томина недела во Кана Галилејска

Во неделата, 6/19 април 2026 година, Томината недела беше прославена во Ерусалимската Патријаршија.

Следејќи ја својата посебна традиција, црковната заедница во Кана Галилејска на овој ден, покрај Томината недела, го празнува и споменот на првото чудо кое Христос го извршил, токму во Кана Галилејска – претворањето на водата во вино.

На овој ден Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски Теофил III, служеше Божествена Литургија, во сослужение со митрополитот Назаретски Кирјак, архиепископот Константински Аристарх, митрополитот Акрски Макариј, јеромонаси на Светиот Гроб, како и арапскојазични свештеници и игуменот на Кана, архимандрит Леонтиј. На богослужбата присуствуваа и амбасадорката на Грција во Тел Авив Марија Солому и рускиот амбасадор Анатолиј Викторов.

На Литургијата Патријархот ја изговори следнава беседа:


Возљубени во Христа браќа,

Благочестиви христијани,

Благодатта на Светиот Дух нè собра сите нас денес на ова свето место во Кана Галилејска, за да ги прославиме, од една страна, обновата на Христовото Воскресение и допирот на светиот апостол Тома, а од друга страна, овдешната свадба на Симон Кананит, на која беше повикан Христос со Своите ученици и каде што водата во вино ја претвори.

Во овој свет ден на Пасхата, го празнуваме Празникот над празниците, односно светлото Христово Воскресение, во кое безвремената светлина од гробот телесно за сите заблеска. Затоа и химнографот воспева и вели: „Го празнуваме умртвувањето на смртта, разурнувањето на пеколот, почетокот на другиот, вечен живот, и восхитени Го воспеваме Причинителот, единствениот благословен Бог на Отците и препрославен“.

Навистина, Христовото Воскресение го претставува темелот и врвот на тајната на божествениот Домострој, на овоплотувањето од пречистата крв на Секогашдева Богородица Марија и вочовечувањето на Бог Словото и нашиот Спасител Христос. „А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера“, вели богоглаголивиот Павле (1. Кор. 15,14).

Верното неверие на апостол Тома, како и допирањето со неговите прсти на прободеното ребро на Исус Христос, Го потврдува Христа Кој телесно воскресна од гробот. Освен тоа, присуството на Христос на свадбата на Неговиот пријател Симон заедно со учениците и Неговата Мајка, како и извршеното знамение со претворањето на водата во вино, ја потврдува тајната на божествениот Домострој, која се оствари во личноста на Исус Христос, „Кого Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, зашто не беше можно таа да Го држи“ (Дела 2,24), како што проповеда апостол Петар, повикувајќи се на пророкот Давид, кој вели за Месијата Христос: „Го гледав Господа постојано пред себе, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам… зашто нема да ја оставиш душата моја во пеколот, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање“ (Дела 2,25-27; Псалм 15, 8-10).

Денес месната Црква во Кана празнува два значајни настани: свадбата на Симон Кананит и допирот на светиот апостол Тома. Преку двата настани, Христос „ја покажа славата Своја и учениците Негови поверуваа во Него“ (Јован 2,11). А Тома, допирајќи го реброто на Исус, исповеда велејќи: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20,28).

Овие библиски настани се значајни затоа што свадбата претставува праобраз на свадбата на Младоженецот Христос со невестата Црква. „Оваа тајна [на бракот] е голема, но јас говорам за Христос и за Црквата“ (Ефес. 5,31), проповеда божествениот Павле. Забележливо е тука толкувањето на свети Јован Дамаскин кој вели: „Така станува тајна на сокриената вистина во праобразот – дека земањето на жената од мажот и соединувањето со мажот Го претставуваше Христа и Црквата“.

Допирот на Тома, пак, кој се случи по осум дена при јавувањето на Исус среде Неговите ученици, кога вратите повторно беа затворени (сп. Јован 20,26), се однесува и на појавувањето на нашиот воскреснат Спасител Христос пред нас, како што тоа многу јасно го формулира угледниот толкувач свети Кирил Александриски: „Ние ги затвораме вратите, а Христос доаѓа и им се јавува на сите нас, невидливо и видливо; невидливо како Бог, а видливо во тело, и дозволува и дава да се допре Неговото свето тело. Зашто по Божја благодат пристапуваме кон учество во мистичниот благослов, примајќи Го Христос во нашите раце, за и ние цврсто да поверуваме дека навистина го подигнал сопствениот храм“.

Со други зборови, и ние, мои возљубени браќа, преку учеството во мистичниот благослов, односно преку Светата Причест со Телото и Крвта Христови, Го допираме Христа и Го објавуваме Неговото воскресение, но и совοскреснувањето на нашата човечка природа во Него.

Што се однесува до присуството на Христос на свадбата што се случи тука, нашиот свет отец Кирил истакнува: „Чесниот брак се освети, а клетвата над жената се отстрани. Зашто децата веќе нема да се раѓаат во маки, бидејќи Христос го благослови самиот почеток на нашето раѓање“; и поедноставно: чесниот брак се осветува и проклетството над Ева, која беше измамена и падна во престап (1. Тим. 2,14), се уништи, и децата повеќе нема да се раѓаат со болка, зашто Христос го благослови и самиот почеток на нашето раѓање.

Според свети Кирил, свадбата во Кана Го симболизира Бог Словото, Христос, Кој како Младоженец се присоедини (силно се соедини) со човечката природа како со невеста. „И Словото стана тело и се всели во нас“ (Јован 1,14), вели евангелистот Јован. А Великиот Атанасиј, толкувајќи го овој израз, вели: „Слушајќи дека ’Словото стана тело‘, не подразбираме дека самото Слово целосно станало тело, туку дека се облекло во тело и станало човек“.

И додека Синот и Словото Божјо, Христос, се облече во нашето човечко тело станувајќи човек, ние, мои љубени браќа, сме повикани да се облечеме во Христа, Светлината на светот, незаодната светлина на Неговото Воскресение. „Зашто сите вие што се крстивте во Христа, во Христа се облековте“ (Гал. 3,27), порачува божествениот Павле. Понатаму, повикани сме да се причестиме со „новиот род на лозата, со Телото и Крвта, односно со Христа Кој ни го отвори Неговото небесно царство“.

Заедно со химнографот да ја молиме Богородица и Мајката Божја, велејќи: „Води нè по патот на покајанието, нас кои секогаш скршнуваме кон патиштата на злото и Го разгневуваме Предобриот Господ, ти која не си искусила брак, благословена Марија, прибежиште на очајните луѓе, живелиште Божјо“.

Христос Воскресе! Христос е мирот на светот, Христос е животот и нашето воскресение.

Η ΚΥΡΙΑΚΗ ΤΟΥ ΘΩΜΑ ΣΤΗΝ ΙΕΡΑ ΜΟΝΗ ΑΓΙΟΥ ΓΕΩΡΓΙΟΥ ΤΗΣ ΚΑΝΑΗ ΚΥΡΙΑΚΗ ΤΟΥ ΘΩΜΑ ΣΤΗΝ ΙΕΡΑ ΜΟΝΗ ΑΓΙΟΥ ΓΕΩΡΓΙΟΥ ΤΗΣ ΚΑΝΑ

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/leitourgiki-zoi/η-κυριακη-του-θωμα-εν-κανα-της-γαλιλαια/