Торжествено прославен празникот на преподобен Сергиј Радоњешки

На 18 јули 2024 година, на денот кога се празнува споменот на преподобниот Сергиј Радоњешки (1422г.), Патријархот Московски и на сета Рус Кирил отслужи Литургија, на отворено, во Троице-Сергиевата Лавра во Сергиев Посад. Литургијата беше отслужена пред иконата на преподобен Сергиј Радоњешки.

На Патријархот му сослужуваа повеќе архијереи и свештенослужители на Руската православна црква. Покрај нив, на Литургијата учествуваа претставници на неколку помесни Православни Цркви во Русија: Филипополскиот митрополит Нифон (Антиохиска патријаршија), Ремезијанскиот епископ Стефан (Српска православна црква), архимандрит Серафим Шемјатовски (Православна Црква на Чешките земји и на Словачка) и протојереј Даниил Андрејук (Православна црква во Америка). На Литургијата беа присутни монаси, монахињи и многуброен народ.

На богослужбата присуствуваа претставници на федералната и на локалната власт, како и претставници од различни општествени дејности. Исто така, беа присутни и офицери на Руската национална гарда. Припадниците на гардата зедоа активно учество во организацијата на празничните настани во градот Сергиев Посад.

По завршувањето на Литургијата, Патријархот и присутните архијереи отслужија молебен кон Игуменот на Руската земја (преподобниот Сергиј). На крајот, старешината на Лаврата, Сергиево-Посадскиот и Дмитровски епископ Кирил му се обрати на Патријархот со поздравно слово. Потоа, на сите присутни им се обрати Патријархот, кој, меѓу другото, истакна:

„Сите ние треба добро да разбереме дека Божјата благодат не нѐ прави чеда Авраамови по автоматизам; не ни дава победа по автоматизам, па затоа ние треба да сме свесни за делот од одговорноста, што лежи на нас. А тоа не се однесува само на судбоносните битки и на некои историски моменти, туку се однесува на многу моменти од нашата лична и службена дејност, од нашата служба на Господа и на Црквата. И така, се надеваме на Божјата волја, со молитва ја привлекуваме Неговата благодат, а ние самите се трудиме со пот на лицето. Овој призив за труд го сметам особено актуелен сега. Заплашува она што се случува во светот. Во тек е реална апостасија – отпадништво од Бога, од Божјите заповеди. Но, не само отпадништво, бидејќи и во минатото се одрекувале (од Бога), туку постои стремеж да се устрои светската цивилизација без Бога и без секаква надеж на Неговата Промисла, ослонувајќи се исклучиво врз своите сили. Од Стариот Завет знаеме дека сите такви обиди, па сѐ до изградбата на Вавилонската кула, пропаднале. Така и овој обид за создавање успешен прогресивен свет, изгонувајќи Го Бога од него, е бесмислен. А јас се радувам за тоа што сѐ повеќе и повеќе нашиот народ го сфаќа ова. Врз својот личен опит, луѓето се утврдуваат во верата, бидејќи многумина осознаваат дека, навистина, без Бога ни до прагот, како што кажува руската поговорка, односно ништо не може да се направи како што треба“.

Потоа, во Троицкиот манастирски храм, Патријархот се поклони на моштите на преподобен Сергиј и на иконата на Света Троица, насликана од преподобен Андреј Рубљов.

Патријархот Кирил  им врачи црковни одликувања на неколкумина архијереи и клирици на Руската православна црква .

Традиционално, на овој ден се служат архијерејски богослужби во храмовите на Московските духовни училишта и на Троице-Сергиевата Лавра.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6144676.html