Фотографија: mospat.ru
Со благослов на Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Рус г.г. Кирил, Високопреосвештениот Митрополит Волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, на 29 април годинава пристигна во главниот град на Азербејџан, Баку, за да учествува на меѓународната конференција на верски лидери на тема „Зајакнување на довербата преку меѓурелигиски дијалог“. Меѓу учесниците на настанот ќе бидат лидери и претставници на традиционалните религии од целиот свет, претставници на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и меѓународни верски организации.
На денот на пристигнувањето, Митрополитот Антониј се сретна со претседателот на Канцеларијата за муслимани во Кавказ, раководител на Центарот за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог во Баку, Шеик-ул-исламот Алахшукур Паша-заде. Митрополитот Антониј му ги пренесе топлите поздрави од Рускиот патријарх до лидерот на муслиманската заедница во Азербејџан. Двете страни разговараа за широк спектар на прашања од областа на меѓурелигиската соработка, мировните напори на верските заедници, меѓуетничките и меѓународните односи.
Истиот ден, Митрополитот Антониј го посети и катедралниот храм на Светите жени мироносци, на Бакуската епархија од Руската православна црква во Азербејџан. Таму беше пречекан од секретарот на Бакуската епархиска управа, протојереј Дионисиј Свечников. Владиката Антониј се поклони на светилиштата на катедралата, а ја разгледа и изложбата на епархискиот музеј отворен во црквата.
Потоа Неговото Високопреосвештенство ја посети Алејата на хероите и гробот на првиот претседател на Азербејџан Хејдар Алиев кој се наоѓа во Алејата на честа. Во истата алеја е и почивалиштето на Архиепископот Александар (Ишчеин), првиот епископ на возобновената Бакуска епархија, од 1998 до неговата смрт во 2021 година. На неговиот гроб Митрополитот Антониј изврши заупокоена молитва.