Украинските државни органи продолжуваат со притисоците врз верниците на канонската Украинска Православна Црква, со особен фокус на нејзините манастири.
На 25 март 2026 година Украинската „Државна служба за етнополитика и слобода на совеста“ издаде официјална наредба до Голосеевскиот манастир „Покров Богородичен“ во Киев, барајќи да ги прекине врските со Киевската митрополија на Украинската Православна Црква и да достави писмен доказ за раскинување на односите со Руската Православна Црква.
Државната служба спровела истрага за поврзаноста на манастирот во периодот од 26 јануари до 19 март. По нејзиното завршување, раководителот Виктор Јеленски потпишал наредба со која се бара манастирот да исполни низа услови до 27 април.
Во наредбата манастирот се обвинува за поврзаност со странска верска организација чие дејствување е забрането во Украина според Законот за заштита на уставниот поредок во сферата на верските организации. Истражителите соопштиле дека во уставот и внатрешните документи на манастирот пронашле докази за негови структурни врски со организација која е дел од забранет центар на влијание.
Според наредбата, игуменот на манастирот треба да достави одлука од Духовниот совет – управното тело на манастирот – за истапување од Киевската митрополија на Украинската Православна Црква. Ова барање следи по заклучокот на Државната служба од август 2025 година дека самата митрополија и понатаму е поврзана со Руската православна црква, што значи дека секоја верска организација во нејзината структура подлежи на истата квалификација.
Забележително е дека оваа одлука не се темели на сопствените управни документи на Украинската Православна Црква или на митрополијата, кои јасно ја истакнуваат независноста на Црквата. Наместо тоа, Државната служба ги засновала своите заклучоци врз тврдењата од документи на Руската Црква, поврзани со Украинската Црква, – со што фактички им дава поголема правна тежина на руските црковни документи отколку на украинските.
Игуменот на Голосеевскиот манастир исто така треба формално да изјави дека не се согласува со неговото назначување во управни тела на Руската Православна Црква и да даде изјава за прекин на тие овластувања и раскинување на врските со Московската патријаршија.
Државната служба предупредува дека непочитувањето на рокот може да доведе до дополнителни санкции против манастирот.
Извор: https://dess.gov.ua/wp-content/uploads/2026/03/Prypys_Holosiievo_5.pdf преку: https://orthochristian.com/176594.html
