Украинската Православна Црква канонизира двајца нови светители

На 23 октомври 2024 година, Светиот Синод на Украинската Православна Црква (УПЦ) ги канонизираше во ред на светите архимандритот Филарет (Кочубеј), игумен на манастирот Звиринеч и блажениот Јован Походенчик, јуродив заради Христа.

На 30 октомври, Синодската литургиска комисија на УПЦ ги објави богослужбените текстови одобрени од Светиот Синод на Украинската Православна Црква, за преподобниот Филарет Звиринечки и блажениот Јован Походенчик – известува информативниот центар на УПЦ

Преподобниот Филарет беше последниот игумен на Киево-Звиринечката пустина се до нејзиното затворање во 1934 година. На 15 јануари 1931 година, архимандритот Филарет беше уапсен од страна на Киевските власти и испратен во затворот Лукјановски, обвинет за антисоветска агитација. На 14 септември истата година беше осуден на 5 години прогонство во Казахстан. На 14 декември, пресудата беше „ублажена“ на 3 години принудна работа во поправителен логор. Го заврши својот земен пат, почивајќи во заедничка гробница во близина на Архангелск. Точниот датум на смртта не е познат. Споменот на свет Филарети е на 14 декември (денот на неговиот небесен заштитник, денот на монашкиот постриг и денот кога била донесена конечната пресуда која го одредила последниот, исповеден пат во животот на овој светител).

Свети Јован живеел во 19 и 20 век. За неговото детство и младост нема никакви податоци. Како возрасен, тој дошол во селото Плоско, во Кировоградска област – најверојатно од Черкашката област. Избирајќи го по Божја волја подвигот на лудост заради Христа, светецот одел од село до село, немајќи свој покрив над главата, поучувајќи ги луѓето да ја чуваат православната вера. Затоа добил прекар Походенчик (Скитник). Блажениот Јован бил облечен сиромашно, одел босоног – само кога имало силни мразеви обувал крпи на нозете. Поради дарот на прозорливост, светецот исто така бил нарекуван Поведајчик (Гледач). Свети Јован маченички го завршил својот земен пат: на 25 ноември 1943 година, Германците го убиле во близина на селото Плоско. Телото на блажениот селаните го погребале на месните гробишта.

Во мај 2021 година, моштите на Свети Јован беа пронајдени и пренесени во Свето-Богојавленскиот женски манастир во Александриската епархија, во селото Диковка. Кај моштите почнале да се случуваат чуда на исцелување.

Извор: https://www.facebook.com/church.information.center/