35-годишен маж нападнал свештеник за време на неделната Литургија во храм во градот Кривој Рог, во Днепропетровската област на Украина, на 5 октомври. Окружната полициска управа го соопшти инцидентот на 6 октомври, пренесува порталот „Православен живот“.
Според полицијата, нападот се случил околу 8:00 часот наутро во храмот посветен на Светиот маченик Онуфриј во Кривој Рог. За време на неделната служба, напаѓачот му пристапил на свештеникот Владимир Златов и замавнал кон него со секира. Нападот се случил за време на Малиот вход, кога свештеникот стоел на Царските двери.
„По милоста Божја, свештеникот успеа да се заштити со Евангелието што го држеше во рацете, каде што удри дршката на секирата, а сечивото удри во митрата, што му го спаси животот“, се вели во соопштението на епархијата.
Свештеникот Владимир им раскажа на новинарите дека напаѓачот стоел во храмот уште од почетокот на Литургијата, претворајќи се дека се моли.
„На Малиот вход, извади секира од под јакната и се упати кон олтарот. Кога се свртев со Евангелието во рацете, тој замавна. Дршката на секирата удри во Евангелието, а сечивото во мојата митра“, раскажа отец Владимир, пренесува „Сојузот на православни журналисти“.
По нападот, напаѓачот се обидел да избега, мавтајќи со секирата за да ги оддалечи верниците. Полицијата пристигнала навреме и го привела. Против него е поднесена кривична пријава според член 296, став 4 (хулиганство) од Кривичниот законик на Украина.
Според отец Владимир, човекот е евидентиран во психоневролошки диспанзер. Се претпоставува дека е воен службеник, иако полицијата сè уште тоа не го потврдила. Како што се наведува, мотивот за нападот бил „одмазда поради лични проблеми“, но свештеникот немал никаква врска со нив — напаѓачот едноставно го нападнал првиот човек што го сретнал.

