На 20 август 2024 година, Украинскиот парламент, Врховната Рада, го усвои во целост Предлог-законот бр. 8371 „За заштита на уставниот поредок во сферата на делувањето на религиозните организации“, кој има за цел да ја забрани Украинската Православна Црква.
За спомнатата одлука гласаа 265 народни пратеници, 29 гласаа против, а 4 беа воздржани. Во фракцијата „Слуга на народот“ за законот гласаа 173 пратеници, „Европска солидарност“ даде 25 гласови, „Татковина“ – 17, „Платформа за живот и мир“ – 1, „За иднината“ – 9, „Глас“ – 18, „Доверба“ – 11, „Обнова на Украина“ – 0. Вонфракциските пратеници дадоа 11 гласови.
Законот стапува на сила по 30 дена од неговото објавување, освен еден член според кој, заедниците на Украинската православна црква ќе имаат 9 месеци да ги прекинат врските со Руската православна црква.
На 23 јули, народните пратеници го блокираа заседавањето на Врховната Рада поради одбивањето да се разгледа законскиот предлог за забрана на Украинската православна црква, на тој начин прекинувајќи ја пленарната седница.
На 16 август, Комитетот за хуманитарна и информативна политика го одобри измените на предлог-законот бр. 8371 и препорача Парламентот (Врховната Рада) да го усвои во второ читање и во целост.
Сеукраинскиот совет на цркви и религиозни организации без учество на претставниците на Украинската православна црква на 17 август изјави дека ја поддржува законодавната иницијатива за забрана на дејноста на религиозните организации во Украина кои се поврзани со Руската Православна Црква.