Украинските власти го блокираа пристапот до интернет страниците кои ја информираат јавноста за активностите на Украинската православна црква

Пристапот до интернет страниците на „Сојузот на православни журналисти“, како и страниците „Raskolam.net“ и „Диалог тут“ е блокиран за посетителите од Украина, по наредба на Државната служба за специјална комуникација и заштита на информации на Украина – соопштува Сојузот на православни журналисти.

Во својата наредба, Украинските власти не ги наведуваат причините за блокирањето, туку само се повикуваат на Указот на Претседателот на Украина за воведување воена состојба и на неговите одредби за електронска комуникација. Во документот е наведено дека украинските интернет провајдери мора да ја исполнат оваа наредба и да ги известат властите за активирањето на блокадата.

Во наредбата се вели дека овие интернет страници ќе останат блокирани за украинските посетители до истекот на воената состојба. Страниците и понатаму остануваат достапни за посетители вон Украина. Пристапот кон некои од овие страници беше со ограничувања и забрани и претходно, како што имавме известено.

Извор: https://spzh.live/ru/news/82249-v-ukraine-sbu-zablokirovala-sajty-osveshchajushchie-dejatelnost-upts