Украинските власти извршија претрес на Митрополитот Антониј и одзедоа компјутери

На 15 април годинава, службеници на Службата за безбедност на Украина извршија претрес во просториите на Киевската митрополија на Украинската Православна Црква. Канцеларот на Украинската Православна Црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Антониј Борисполски, зборуваше за настанот на неговиот канал на „Јутјуб“.

„Претресот беше извршен во канцеларијата на митрополитот, во приемната просторија, како и во канцеларијата на Киевската митрополија, при што беа одземени три компјутери. Треба да се напомене дека претресот беше спроведен коректно“, изјави Митрополитот Антониј.

Владика Антониј нагласи дека во тек е Страсната седмица и дека Црквата Христова, заедно со сите нејзини чеда, мора да го следи патот на Спасителот.

„Патот до Воскресението води преку Голгота. Затоа, драги браќа и сестри, најнапред сум ви благодарен за вашите молитви. Ви посакувам сите да ја поминеме оваа Страсна седмица со духовна корист, за да можеме со радост да го прославиме Светлото Христово Воскресение. Бог нека ве благослови сите“, рече Митрополитот Антониј.

Според украинскиот портал „Страна“, причината е „попречување на активностите на верски заедници, особено во врска со нивната промена на црковна припадност“, односно се тврди дека митрополитот работи на спречување незаконско одземање на храмови од Украинската Православна Црква.

Извор: https://orthochristian.com/169010.html