Украинската држава и расколничко-националистичките групи ја продолжуваат својата кампања на прогон против Православната Црква – известуваат украинските црковни медиуми. Во изминатите неколку години, стотици храмови беа насилно преземени, при што свештениците и верниците често остануваа повредени.
Од крајот на септември годинава досега се регистрирани најмалку уште четири нови случаи на заземање храмови.
На 28 септември, во селото Нагорјани, Черновичка област, група мажи насилно влегле во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, кој ѝ припаѓа на канонската Украинска Православна Црква. За упадот користеле електрични сечила, лостови и други алати. Акцијата ја водел познатиот „освојувач на храмови“ Роман Гришчук. Кога претставник на Украинската Православна Црква ги предизвикал напаѓачите да го изрецитираат 50-тиот или 90-тиот псалм, за да докажат дека се вистински парохијани, никој не можел тоа да го направи. Тој забележал дека ниту еден од присутните редовно не доаѓа на богослужби во храмот.
Следниот ден, расколничка групација го зазела храмот „Преображение Господово“ во селото Керштенци, Черновичка епархија. Заземањето повторно го водел Роман Гришчук, придружуван од воени свештеници и полиција, кои истовремено го блокирале влезот во селото. Ова не бил прв обид – претходна акција за заземање се случила уште во август.
На 4 октомври, група напаѓачи провалиле во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во селото Минковци, Ривненска област, користејќи алат за отворање брави. Повеќе од 30 напаѓачи дошле рано наутро, во придружба на полиција. Кога свештеникот на храмот одбил да ги предаде клучевите, објаснувајќи дека храмот ѝ припаѓа на Украинската Православна Црква, напаѓачите најпрво се обиделе да ја исечат вратата со електричен резач, а потоа успеале да влезат со алат за отклучување.
Исто така на 4 октомври, во градот Броди, Лавовска област, претставници на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија доделена од Цариградската Патријаршија останува непризнаена во православниот свет) одржале своја прва служба во храмот „Св. Владимир“, кој локалните власти го затвориле уште во 2023 година. Според извештаите, кога парохискиот свештеник, о. Јарослав, одбил да ги предаде клучевите, припадници на националистички организации ги разбиле вратите. Тие потоа обезбедувале ред околу храмот за време на службата, додека полицијата стоела настрана, на тротоарот. Храмот бил преименуван во чест на „Светите жени мироносици“. Земјиштето на кое се наоѓа храмот „Св. Владимир“ е приватна сопственост на парохиската заедница на Украинската Православна Црква, купено од парохијаните во јули 2003 година, а храмот бил изграден со нивни средства во 2008 година. Во април 2023 година, властите во Броди го затвориле храмот — единствениот православен храм во градот — и подоцна организирале лажен собир за премин во ПЦУ.
