Уште шест свети жени предложени за канонизација во Романската Црква

Минатата година, Романската Православна Црква канонизираше 16 маченици, исповедници и подвижници од 20 век, а 2026 веќе е прогласена за „Спомен година на светите жени (мироносици, маченички, подвижнички, сопруги и мајки)“.

Според Романскиот Патријарх Даниел, годината на светите жени ќе биде обележана и со 16 канонизации, јавува романската црковна новинска агенција „Базилика“. Веројатно ќе бидат прогласени во Неделата на жените мироносици. Пет канонизации веќе беа предложени во јуни годинава од страна на Синодот на Митрополијата на Молдавија и Буковина и на Синодот на  Митрополијата на Бесарабија.

А на седницата на Синодот на Митрополијата на Мунтенија и Добруџа, која опфаќа десет епархии, патријархот Даниел претстави уште шест свети жени предложени за канонизација во следната година:

* Марија Брaнковеану (†1729), сопруга на св. Константин Брaнковеану

* Схимонахиња Филотеја Антонеску од манастирот Пасареа (†1833), мајка на св. Калиник од Черника

* Монахиња-маченичка Евлогија Цирлеа од манастирот Самуркашешти (†1949)

* Схимонахинја Елисавета Лазар од манастирот Пасареа (†2014)

* Монахиња Платонида (Деспина Милица) (†1554), сопруга на војводата св. Неагое Басараб

* Мандалина (или Магдалена) Миленко (†1962), побожна и трудољубива верничка од романската заедница во с. Меланица, Тимочки викаријат, во Србија

Мажот на Марија Брaнковеану и нејзините четири синови — Константин, Стефан, Раду и Матеј, кои биле маченички убиени од Османлиите во 1714 година, беа канонизирани од Романската Црква во 1992 година.

Патријархот Даниел зборуваше за потребата од составување литургиски текстови и иконопис паралелно со протоколот на канонизација. Говорејќи за канонизациите објавени оваа година, неговото Блаженство истакна дека тие предизвикале голема радост во епархиите, училиштата, на часовите по веронаука и на натпреварите.

„Многу е интересно како овие деца ги сакаат светителите и ги цртаат нивните икони, иако никогаш не ги виделе во живо. Зошто? Тоа не е само формален, правен или канонски чин, туку чин со голема духовна и пастирско-мисионерска плодност. Тоа значи дека не се потпира само на работата на институцијата, туку особено на дејството на Божјата благодат преку светителите. Затоа и Псалмопевецот рекол: ’Чудесен е Бог во Своите светии!’“

Монахиња Платонида (Деспина Милица)

Извор: https://basilica.ro/urmeaza-16-canonizari-de-femei-sfinte-propunerile-venite-din-mitropolia-munteniei-si-dobrogei/ преку: https://orthochristian.com/170894.html