Устоличување на првиот Митрополит на Елдорет, Кенија

Во Неделата на Педесетницата, на 31 мај 2026 година, заврши пастирската посета на Неговото Блаженство, Папата и Патријархот Александриски и на сета Африка, г.г. Теодор II, во Кенија, со служењето на Божествена Литургија во соборниот храм „Св. апостол и евангелист Марко“, во Капсабет, во митрополијата на Елдорет и Северна Кенија.

Со Неговото Блаженство сослужуваа Високопреосвештениот Архиепископ на Кенија г. Макариј, Високопреосвештениот Митрополит на Елдорет и Северна Кенија г. Неофит, како и Преосвештените Епископи на Џинџа и Источна Уганда, г. Силвестер, и на Кисуму и Западна Кенија, г. Филип. На Патријаршиската Божествена Литургија учествуваа бројни свештенослужители од митрополијата на Елдорет и од другите црковни области во Кенија, како и големо множество верници од околните краишта, кои дојдоа да го примат патријаршискиот благослов и да учествуваат во големиот празник на Црквата – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.

Присуствуваа и претставник на гувернерот на округот Нанди, како и претставници на локалните власти, институции и организации, кои со почит ја изразија својата благодарност кон древната Александриска Патријаршија и кон нејзината повеќестрана дејност во Кенија и низ цела Африка.

За време на Божествената Литургија, Неговото Блаженство го ракоположи во ѓакон ипоѓаконот Јулиј Кипјего Бет, давајќи му го името Партениј, за вечен спомен на блаженоупокоениот Александриски Патријарх Партениј III, духовен отец и славен претходник на Неговото Блаженство, по повод триесетгодишнината од неговото упокојување во Господа (1996–2026).

Врвен момент на ова собрание беше устоличувањето на првиот Митрополит на Елдорет и Северна Кенија, г. Неофит, кое беше извршено веднаш по Вечерната богослужба со коленопреклонување од самиот Александриски поглавар.

Да потсетиме дека на заседанието на Светиот Синод на Александриската Патријаршија и на сета Африка, одржано на 7 октомври 2025 година под претседателство на Патријархот Теодор беше донесена одлука епископијата на Елдорет и Северна Кенија да биде воздигната во ранг на Митрополија, заради брзиот развој на Православната Црква во регионот и растечките пастирски и мисионерски потреби на Божјиот народ.

Во своето обраќање, Неговото Блаженство срдечно му честиташе на првиот Митрополит на Елдорет, г. Неофит, за значајното дело што веќе го извршува во новоформираната Митрополија, нагласувајќи дека воздигнувањето на оваа црковна област е плод на долгогодишни жртви, непрекината мисионерска работа и живата вера на благословениот народ на Кенија.

Истовремено, го поттикна со истиот ревносен дух да ја продолжи својата служба кон свештенството и верниот народ, повикувајќи ја Божјата благодат и просветлението на Светиот Дух, за Митрополијата Елдорет да стане уште посилен светилник на Православието, образованието, милосрдието и надежта за целиот регион.

Завршувајќи го своето слово, Неговото Блаженство им се заблагодари на локалните власти за соработката и постојаната поддршка на делото на Црквата и посака мирот, благосостојбата и Божјиот благослов секогаш да го придружуваат благородниот народ на Кенија.

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/76928-enthronisi-tou-protou-mitropolitou-elntoret-foto