Српскиот православен Соборен храм „Преображение Господово“ во Загреб бил мета на вандализам во ноќта меѓу 22 и 23 април 2026 година, при што непознат сторител фрлал столици и други предмети од околните ресторани кон влезот на црквата, оградата и портата.
Според извештај на Загребско-љубљанската епархија, инцидентот се случил на Цветниот плоштад во раните утрински часови во четврток, на 23 април. Бил искршен стар витраж, а осветлувањето на влезот било уништено, при што е причинета материјална штета на овој историски храм.
Храмот, изграден во 1866 година, претставува заштитено културно добро на Република Хрватска и е центар на локалната српска православна епархија.
Надлежната Загребско-љубљанска епархија на Српската Православна Црква на 23 април во врска со овој настан објави соопштение, во кое, помеѓу останатото порачува: „Нека овој настан не нè раздели, туку нè опомене дека мирот е кревок дар што мораме заеднички да го чуваме“. Соопштението во продолжение го пренесуваме во целост.
Соопштение за јавност по повод нападот на Соборниот храм во Загреб
По повод нападот на Соборниот храм на Преображението Господово во Загреб, кој се случи на денот кога молитвено се сеќаваме на жртвите на Холокаустот, вклучително и невино постраданите во Јасеновац, изразуваме длабока загриженост, тага и вознемиреност.
Апелираме до надлежните органи на Република Хрватска овој напад правично и одговорно да го процесуираат, како и да сторат сè говорот на омраза во јавниот простор да биде препознаен, осуден и спречен. Истовремено, епархијата Загребско-љубљанска најодлучно го осудува секој акт на насилство и нетрпеливост не само кон православните светилишта, туку кон кој било верски објект или верска заедница, бидејќи нападот врз светиња претставува удар врз основните вредности на мирот, достоинството и соживотот меѓу луѓето.
Овој свет храм, изграден во 1866 година според нацртот на хрватскиот архитект Фрањо Клајн, низ својата долга историја повеќепати страдал, но секојпат повторно бил издигнуван со верата и трудот на народот. Храмот на Светото Преображение е заштитено културно добро на Република Хрватска и е Соборна црква (катедрала) на епархијата Загребско-љубљанска на Српската Православна Црква. Преживеал војни, рушења и прогони, останувајќи сведок дека молитвата е посилна од секое насилство. Во последните години, по разорниот земјотрес што го погоди Загреб, овој храм поминува низ темелна обнова. Со благодарност кон Бога и кон сите што учествуваат во тоа, сведочиме дека црквата се враќа во живот – повторно исполнета со верници, како место на мир и молитва меѓу луѓе од различни имиња и потекло.
Токму затоа, ваквиот чин на насилство не претставува само материјална штета. Материјалното, со Божја помош, ќе биде обновено. Но она што ваквите настани го рануваат е тешко стекнатата доверба, помирувањето и заедништвото меѓу луѓето. Со болка констатираме дека таквите вредности, градени со децении, можат да бидат загрозени во миг од неразумност и омраза. Затоа ги повикуваме и поединците и институциите да направат сè за ваквите инциденти да не се повторуваат и да се сочува духот на меѓусебна почит и мир. Овој храм секогаш бил и ќе остане место на молитва за мир – не само за православните верници, туку за сите луѓе со добра волја. Нека овој настан не нè раздели, туку нè опомене дека мирот е кревок дар што мораме заеднички да го чуваме.
Со вера дека разумот, одговорноста и човечноста ќе надвладеат,
Епархија Загребско-љубљанска на Српската Православна Црква



