На 19 март Варненската и Великопреславска митрополија на Бугарската Православна Црква упати повик за дарување крв во полза на тројцата млади луѓе од Кочани, кои се лекуваат во Воено-медицинската академија – Варна.
„Итно се бараат дарители на крв со крвна група А (-). Во Военомедицинската академија во Варна се наоѓаат тројца млади луѓе во кома, кои настрадаа од трагичниот настан во Кочани“ – се вели во соопштението објавено на интернет страницата на митрополијата.
„За дарување треба да се оди таму, на лице место. Крвната група е ретка, а потребни се по три трансфузии дневно за секого! Да бидеме солидарни! Тие што немаат можност да даруваат крв, нека ја споделат информацијата – и тоа е од голема помош! Драги пријатели од Варна и околината, ве молиме тие што можат, нека помогнат!“
На 18 март Неговото Високопресвештенство митрополитот Варненски и Великопреславски г. Јован отслужи помен за загинатите православни христијани и ја посети Военомедицинската академија во Варна, каде што на Клиниката за изгореници се хоспитализирани настраданите во трагедијата.

Интернет страницата на митрополијата нагласува дека „целиот бугарски народ тагува заедно со блиските и семејствата на жртвите од трагичниот настан во град Кочани“.
„Раководството на Варненската и Великопреславска света митрополија изразува искрено сочувство до блиските и семејствата на загинатите во трагичниот настан и се моли на Семилостивиот Бог за брзо оздравување на повредените“ – завршува известувањето од митрополијата.
Извор: https://www.mitropolia-varna.org/novini/1990-priziv-za-kravodaryavane
