На последната седница на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија, на 30 август годинава, помеѓу останатото, беше донесено и следното решение:
„Светиот и Свештен Синод едногласно одлучи да го прифати предлогот на Светата Црква на Грција за вклучување во календарот на светителите на Црквата на блажениот монах Христофор Панајотопулос, наречен Папулакос, со неговото чествување на 18 јануари секоја година.“
Христофор Панајотопулос – Папулакос е роден во 1770 година во селото Арбунас во областа Калаврита на округот Ахаја, во Грција. Работел како месар. Бил целосно неписмен кога одлучил да го следи монашкиот живот. Прво се замонашил во манастирот „Голема пештера“ (Мега-спилео), а подоцна се повлекол во колиба близу своето село. Пребивал во осамеништво околу 20 години, за кое време научил да чита и пишува. На 80 години донел одлука да проповеда. Неговата слава брзо се раширила, бидејќи имал свој уникатен начин да ги плени слушателите. Главно проповедал против прељубата и кражбата, а за молитвата. Преку своите проповеди остро ја критикувал политиката на Баварската влада во земјата и попустливоста кон неа од страна на Синодот на Црквата. Бил повикан пред епископот на Калаврита, кој го укорил и му побарал да ги ограничи своите проповеди.
Шест месеци подоцна, Папулакос започнал обиколка на јужниот Пелопонез, собирајќи илјадници луѓе на своите проповеди. Тогаш кралот Ото потпишал указ за ограничување на Папулакос на живот во манастир. Папулакос побегнал во областа Мани, на Пелопонез, за да се спаси. Реакцијата на владата била испраќање на генералот Колокотронис заедно со војска за да го уапсат. Армијата пристигнала ноќе, но наутро била опколена од 2.000 жители од областа. Следела буна на жителите, а во многу случаи војската водела борби лице в лице со поддржувачите на Папулакос. Конечно, на 21 јуни 1852 година, бил уапсен од армијата, како разултат на предавство, и пренесен во затворот во Рио, каде што останал две години во изолација. Требало да биде суден од кривичниот суд во Атина како бунтовник, но настаните од Кримската војна го принудиле кралот Ото да му даде амнестија. Во 1854 година бил протеран во манастирот „Свети Пантелејмон“ на островот Андрос, каде што починал на 18 јануари 1861 година на 91-годишна возраст и бил погребан таму. За време на неговиот престој во манастирот, примал многу посетители.
Неговите мошти се чуваат во манастирот „Св. Серафим Саровски и Св. Августин Ипонски“, близу Навпакт.