На 20 април 2025 година, на празникот на Светлото Христово Воскресение, се одржа традиционалниот велигденски разговор на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил со руските космонаути кои ја извршуваат својата мисија на Меѓународната вселенска станица.
Патријархот разговараше од салата на Високиот црковен совет во соборниот храм „Христос Спасител“, во Москва, преку видео-врска обезбедена од Центарот за управување со летови.
Во моментот, на Меѓународната вселенска станица работи екипажот составен од космонаутите на Роскосмос: Сергеј Рижиков, Алексеј Зубрицки и Кирил Песков, астронаутите на НАСА: Џонатан Ким, Ен Меклејн и Никол Ајерс, како и астронаутот на Јапонската вселенска агенција Такуја Ониши.
Поглаварот на Руската православна црква разговорот го почна со пасхалниот поздрав: Христос Воскресе, на што космонаутите одговорија со: Воистину Воскресе.
Патријархот Кирил изрази радост од средбата и ја нагласи важноста на подвигот што го прават космонаутите, велејќи дека летот во вселената останува чин на херојство. Тој се присети на своето детство и времето на Гагариновиот лет, како и на првите чекори на СССР во космосот.
Космонаутот Рижиков му се заблагодари на Патријархот Кирил за поддршката, споменувајќи го и заедничкото духовно искуство од посета на храмот во Ѕвездениот град. Тој раскажа дека ова е првпат сите членови на екипажот да го празнуваат Велигден во орбита и ја покажаа својата скромна велигденска трпеза со која, како што рекоа: „се гоштеваат по Великиот пост“.
Патријархот се осврна и на минатото, кога властите во Советскиот Сојуз имале намера да ја уништат Руската православна црква, но духовноста успеала да опстане. „Денес, космонаутите и Патријархот можат слободно да разговараат“, рече тој. „Ова е сведоштво за синтезата на духовното и научното во Русија.“
Во завршниот дел од разговорот, Патријарх Кирил ги благослови космонаутите, посакувајќи им здравје, сила и безбедно враќање на Земјата. Космонаутите, пак, изразија благодарност за молитвите и пораките на охрабрување.
Меѓународната вселенска станица е еден од најголемите и најзначајни меѓународни проекти во историјата на човештвото и запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најскап изграден објект. Тоа е научно-истражувачка лабораторија што орбитира околу Земјата на висина од околу 400 км, со брзина од приближно 28.000 км/ч. Таа прави една обиколка на Земјата за околу 90 минути, што значи дека гледа 16 изгрејсонца и зајдисонца секој ден.
Проектот е заедничко дело на неколку вселенски агенции: Роскосмос (Русија), NASA (САД), Европската вселенска агенција, Јапонската и Канадската вселенска агенција. Проектот започнал во 1998 година. На станицата работат астронаути и космонаути од различни земји кои престојуваат таму со месеци, истражувајќи секакви феномени: од биологија и физика до медицина и технологија во микрогравитација.
Станицата има модуларна структура, изградена е од поврзани модули – некои за живеење, некои за наука, други за контрола и енергија. Таа тежи околу 440 тони и е со димензии: 100 х 73 х 27 метри.
Официјалните јазици на Меѓународната вселенска станица се англиски и руски. Опремата, ознаките и документацијата на станицата се двојазични, и сите астронаути и космонаути мора да ги познаваат и двата јазика. Американските астронаути учат руски пред да одат на станицата, а руските космонаути – англиски.