Митрополитот Черновицки и Буковински Мелетиј повреден при нападот
На 17 јуни 2025 година, по повеќечасовна конфронтација, верниците на Украинската Православна Црква во градот Черновци успеаја да го одбранат соборниот храм „Свет Дух“ од обидот за насилно преземање од страна на радикали поврзани со ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија).
Претходно, истиот ден, според сведоштвата на очевидци, околу 50 агресивни напаѓачи насилно влегле на територијата на храмот, применувајќи сила врз свештени лица и верници. Напаѓачите ги блокирале сите влезови во храмот и ги напаѓале сите што се доближувале до светилиштето.
Во нападот неколку лица добиле тешки телесни повреди, а дел од нив биле хоспитализирани. Кај еден свештеник се констатирани тешки телесни повреди, а кај друг – скршени ребра, и тие биле однесени со возила на брза помош.


При нападот е повреден и митрополитот Черновицки и Буковински, г. Мелетиј, надлежен архиереј на оваа епархија на Украинската Православна Црква.
За одбрана на храмот во рок од еден час се собрале повеќе од 1.000 верници на Украинската Православна Црква. По разговорите со полицијата, верниците се согласија да се отвори коридор преку кој полицијата ги изведе напаѓачите, со цел да се избегне понатамошно насилство. Како резултат, полицијата ја евакуираше групата насилници од храмот со полициски автобуси.
Според локалните верници, нападот бил однапред испланиран и се случил со целосна неактивност на полицијата, и покрај бројните повици за помош. Украинските црковни медиуми го објавија повикот од архијерејот на ПЦУ за заземање на овој соборен храм.
Од друга страна, Митрополитот Мелетиј упати повик до меѓународните организации за заштита на човековите права, да ги заштитат верниците од насилството. Апелот е упатен кон Обединетите нации, ОБСЕ, заменик претседателот на САД Џ.Д. Венс и канцеларијата за заштита на вероисповедта при Белата куќа. Истовремено, Митрополитот Мелетиј се обрати и кон Цариградскиот Патријарх Вартоломеј кон претстоителот на ПЦУ, барајќи „да прекине ова безумие“.
Соборниот храм „Свет Дух“ сега повторно е во рацете на својата канонска заедница. Верниците се собираат на молитва и му благодарат на Бога за заштитата на светото место.