Свештениците на ПЦУ известуваат за заземањето на храмот
Откако во раните утрински часови на 17 октомври, маскирани напаѓачи влегоа во храмот „Свети Архангел Михаил“ на Украинската православна црква во Черкаси, и го зазедоа за кратко време, тие објавија видео на кое известуваат за заземањето на храмот. На видеото се обраќа свештеникот од ПЦУ (Православната црква на Украина чија автокефалност е признаена од Цариградската Патријаршија) Назариј Засански, кој на снимката носи маскирна војничка униформа. Истиот свештеник учествувал при насилното заземање на храмот „Рождество Богородично“ во Черкаси, известува телеграм-каналот на Черкаската епархија.
Кратко време подоцна, Митрополитот Черкаски и Каневски г. Теодосиј, со поддршка од верниците на Украинската православна црква, успеаја да ги истераат насилниците од храмот.
При тоа, насилниците отворија оган од гасен пиштол во самата црква, што е забележано на следниот видео запис.
Подоцна на истиот ден, насилниците во маскирни униформи се собраа во поголем број и во својот втор напад, успеаја на сила да го заземат храмот на Украинската православна црква. При тоа, тие ги тепаа верниците, ги прскаа со солзавец, а Митрополитот Теодосиј беше исто така нападнат и повреден, по што, според извештајот на телеграм-каналот „Прв Козак“, бил однесен во болница.
Полицијата во тоа време не преземаше ништо, а потоа органите на редот целосно ја напуштија територијата на храмот – известува Сојузот на православни журналисти
По заземањето на храмот Митрополитот Теодосиј им се обрати на верниците и соопшти дека верниците и свештениците на Украинската Православна Црква во Черкаси сега ќе бидат принудени да се молат во своите домови и станови.
„Господ, Мајката Божја, Архангел Михаил и свети Макариј се секогаш со нас!“ – рече тој.
Тој истакна дека верниците направиле сè што можеле за да го заштитат храмот, но не успеале да го спречат неговото заземање. Според владиката, заедно со заминувањето на верниците од храмот, си заминала и благодатта.
Митрополитот изрази уверување дека тие ќе се вратат во својата светиња за молитва. Во исто време, тој нагласи дека борбата за вистината ќе продолжи во судовите, иако има малку надеж за праведно судство.